Операторот А1, кој постави ваква мрежа во центарот на Скопје, вели дека тоа е чекор поблиску до комерцијално воведување на ваква технологија за сите корисници
Телекомуникацискиот оператор „А1 Македонија“ постави 5Г мрежа во центарот на Скопје за финално тестирање, со што, како што соопшти, е чекор поблиску до комерцијално воведување на 5Г-технологијата за сите корисници. Со ова финално тестирање достигната е брзина од 1 Gbps за пренос на податоци, реализирано на мобилен телефон кој поддржува 5Г-мрежа.
„Поставувањето на тестната 5Г-мрежа е уште еден доказ за нашата посветеност и стратешката определба за креирање и воведување најсовремени дигитални решенија, кои овозможуваат нови и напредни дигитални искуства на корисниците. Ова е само почеток на новата индустриска револуција, а 5Г е горивото на кое таа работи. Продолжуваме понатаму со интензивни активности за што побрза имплементација на оваа технологија за комерцијална употреба“,
се вели во писмената изјава на Методија Мирчев, извршен директор на „А1 Македонија“.
Од компанијата истакнуваат дека новата 5Г мрежа ќе овозможи поголема брзина и поголем капацитет, помала латенција и поголема мрежна покриеност во преносот на податоци за кои корисниците веќе и сега имаат реална потреба.
Кон крајот на 2019 година завршена е првата фаза на тестирање на 5Г-технологијата во лабораториски услови. Тестовите беа направени со комерцијални терминални уреди во географски ограничена реална средина и ги потврдија очекувањата и можностите на 5Г технологијата во насока на остварување огромни брзини, многу ниски латенции и можност за поврзување на интернет на огромен број уреди, односно иновативни апликации на петтата генерација безжична технологија.
Новата генерација технологии 5Г е веќе воведена во компаниите членки на Групацијата „А1 Телеком“, односно во Австрија, Хрватска и во Бугарија.