На дното на листата се Гостивар – 33,4 отсто, Дебар – 34,1 отсто и Струмица – 34,8 отсто. Помеѓу 30-40 имунизирани барем со прва доза има и во Виница, Куманово, Кратово и Радовиш

Заклучно со 26 септември, во земјава барем со една доза е вакцинирано 46,9 отсто од населението над 18 години, соопшти Министерството за здравство.
Според извештајот, сѐ уште е низок процентот на вакцинирани кај помладото население од 18 до 39 години, кој изнесува 31 отсто. Кај лицата над 40 години опфатот со една доза е 55 отсто.
Најмногу вакцинирани граѓани има во Неготино – 65,1 отсто, потоа следуваат Кавадарци со 64,3 отсто и Охрид со 63,9 отсто. Над 60 проценти вакцинирани граѓани барем со една доза има и во Гевгелија – 61,4 отсто.
На дното на листата, пак, се Гостивар – 33,4 отсто, Дебар – 34,1 отсто и Струмица со 34,8 отсто. Помеѓу 30-40 имунизирани барем со прва доза има и во Виница, Куманово, Кратово и Радовиш.
Во групата градови со опфат од 40 до 50 отсто се Кичево, Св. Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Струга, М Брод, Скопје и Тетово, додека помеѓу 50-60 отсто вакцинирани со прва доза има во Битола, Д Хисар, Ресен, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Валандово, Штип и Пробиштип.
Здравствените власти потсетуваат дека вакцинацијата се одвива во постоечките пунктови ширум државата каде што граѓаните може да примаат вакцина без закажан термин. Од Министерството за здравство потенцираат дека вакцини има доволно и дека тие штитат од смртен исход и спречуваат натамошно ширење на вирусот, па затоа апелираат до граѓаните да се вакцинираат и да се заштитат себеси и најблиските.
