Мицкоски на стартот на изборната кампања, говорот пред охриѓани го започна со, како што рече, сатира, за неговиот политички опонент Зоран Заев
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва пред охриѓани рече дека програмите на нивните кандидати за градоначалници содржат проекти кои ќе ги решат вистинските проблеми на граѓаните.
Мицкоски на стартот на изборната кампања го започна неговиот говор со, како што рече, сатира за политичкиот опонент Зоран Заев.
„Отишол Заев во едно населено место, ги собира граѓаните, жителите на тоа населено место и им вели – кажете ми два проблеми што сакате да ви ги решам. И првиот проблем што тие го рекле – господине Заев, овој градоначалникот овдека изминативе четири години не лажеше дека ќе направи водовод, дека ќе направи канализација, но од ветеното ниту трага, ниту глас. Се завртел Заев, го земал мобилниот телефон во рака, почнал да врти на директори, министри, соработници, да се расправа со проектанти, така половина час, овие го гледаат замислено, го гледаат како се препелка те лево, те десно и после половина час спушта слушалката и вели – готово, првиот проблем е решен. Кој е сега вториот проблем што сакате да го решам. Па, вели вториот проблем е, бидејќи е 21 век, сите веќе имаат мобилна комуникација само нашата општина остана отсечена, нема мрежа за мобилни телефони, па ако може да обезбедите да има мобилна мрежа за нашите телефони. Ете така почитувани мои, ќе изгледаат овие избори, и ќе биде сето тоа идентично со претходните, буклвално исто идентично, но овој пат нема да може да излажат затоа што сите ги дознаа, сите ги запознаа какви се и знаат дека на ниеден збор што ќе го кажат не може да им се верува“,
рече Мицкоски.

Тој, пред охриѓани, порача дека нивните програми содржат 14 835 проекти од различни сфери и области и, како што рече, се решенија за реалните проблеми на народот.
„Поточно, гарантираме изградба за реалните буквално потреби на граѓаните. Ветуваме изградба и реконструкција на 2 000 улици низ цела држава. Градба или реконструкција на 100 градинки, 150 училишта. Инвестиции во животната средина и градба на нови 150 паркови. Инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите. Гасификација за понапредни општини и многу, многу други конкретни дела“,
рече Мицкоски.

Денеска почна изборната кампања за локалните избори закажани за 17 октомври. Таа ќе трае 19 дена, односно до 15 октомври на полноќ. Во општините каде што ќе има втор круг, ќе се гласа и на 31 октомври.
На изборите ќе учествуваат 301 кандидат за градоначалник и 576 листи за советници. Најголемите партии и коалиции официјалната кампања денеска ја почнуваат речиси традиционално од истите градови како и на минатите избори.