Дезинформациите се прашање кое ги засега демократските влади, затоа институциите треба да комуницираат отворено, одговорно и брзо и да обезбедуваат и поддржуваат разни форми на медиумска писменост за младите, но и за севкупното население, вели нацоналниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, Марјан Забрчанец
Нашите напори не треба да бидат примарно насочени кон директно отстранување на изворите на дезинформации, бидејќи тоа не зависи од нас. Многу е тешко да отстранувате нешто што не сте го создале или за што немате одговорност. Нашите напори треба да бидат насочени кон анализа и имање разбирање, длабинско дефинирање на проблемот и обезбедување пред се контранаративи, односно промоција на она што значи прогресивна демократска приказна, рече националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, Марјан Забрчанец, на регионалната „Конференција за медиумска писменост ЕУ – Западен Балкан: Справување со дезинформациите”, организирана од Делегацијата на Европската Унија во земјата и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
Според Забрчанец, ова прашање кое ги засега особено демократските влади, со цел обезбедување намалување и отстранување на штетното влијание на дезинформациите најважна е активната транспарентност на владите, односно институциите да комуницираат отворено, одговорно и брзо и да обезбедуваат и поддржуваат разни форми на медиумска писменост за младите, но и за севкупното население.
„Потребно е владите да имаат политичка волја и политичка посветеност, постојано да се подобруваат на тема транспарентност, отчетност и респонзивност, односно едноставно да наречеме отвореност“,
рече Забрчанец.
Тој истакна дека заложбата за постојано унапредување на активната транспарентност на Владата нема никогаш да запре, настојувајќи да ги совлада сите предизвици кои се јавуваат кај помалку отворените институции, а со цел да се обезбеди присуство на проактивните прогресивни демократски наративи.
„Тука сакам повторно да подадеме рака како Влада, и до медиумските организации и до сите заинтересирани, и да потенцирам дека оваа битка мораме да ја водиме заедно, да го дигнеме нивото на доверба едни кон други бидејќи само така ќе бидеме значително помоќни како демократски сили наспроти ретроградните тајни комуникациски центри за манипулации“,
рече Забрчанец додавајќи дека сите чинители определени за прогрес и развој се на вистинската страна наспроти оние кои шират дезинформации и негативни влијанија.
На конференцијата на која се разговараа актуелните предизвици во јавниот комуникациски простор, беше отворена со подздравни обраќања од претседателот на државата Стево Пендаровски, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската Комисија Жозеп Борел преку видео-обраќање, евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир и директорката на МИМ, Билјана Петковска.