Здруженија на Ромите алармираат дека припадници на оваа заедница се под притисок да се декларираат за Турци на пописот
Од организациите на Турците, пак, тврдат дека само бараат од сонародниците да не се откажуваат од својот идентитет
Државниот завод за статистика разреши неколкумина попишувачи поради сомнежи за манипулации со личните податоци на граѓаните. Семејствата што пријавиле одново се попишани, а спорните попишувачи се заменети со нови.
–Ќе одговараат ли кривично?
вели директорот на Државниот завод за статистика.ч
–За тоа има други институции кои за тоа водат сметка,
Реакции за притисоци доаѓаат и од невладиниот сектор, пред се од ромската заедница.
„Се обидуваат да агитираат до ромските семејства да се попишат како Турци“,
вели Селвије Мустафи од Граѓанското движење „Аваја“.
„Со векови се знае дека тие се изјасниле како Турци. Никаков притисок ние не сме направиле“,
вели Емин Хусрев, претседател на Сојузот на турски невладини организации „МАТУСИТЕБ“
Пописот завршува на 30 септември, односно во четврток. На терен се и попишувачите, но и активисти кои работат со оние кои се уште не се попишале.
-Знаете ли дека попис се спроведува во држава?
збунето прашува жител на Шуто Оризари.
-Не. Како мислиш попис, тоа за гласање е нешто или?
„Не бре не. Ти не разбираш. Значи да, беа тука вчера од оваа страна, сега треба тука да дојдат да прават попис“,
се надоврзува неговиот сосед.
Најголемата статистичка операција во земјава не им значи многу на голем дел од жителите од Шуто Оризари, кои имаат други приоритети.
-Ние слушаме, ама не знам ништо за тоа. Мене ме интересира зошто има минимална пензија. Кризно време е, има корона.“
велат жители на Шуто Оризари.
-Да ти кажам право од ова ништо не очекувам. Се што ќе кажат се е лага.
-Тоа се се работи на црно. Колку ќе кажат тие толку ќе бидеме.
Оние Роми што се скептици и одбиваат да се попишат, на терен, ги разубедуваат реонските инструктори.
„Се упатуваме до куќите, до семејствата од каде одбиваат да се попишат. За да ги прашаме, зошто не сакаат да се попишат, колку е важен пописот во Република Северна Македонија, за да се преброиме точно население колку сме. После тоа, поголем дел веќе прифаќаат. Сега за сега мислам дека не се доволно информирани“,
вели реонскиот инструктор во Шуто Оризари, Неџмедин Абдула.
Додека едни граѓани негодуваат, други, со гордост соработуваат со попишувачите.
„Ние тука сме родени, тука старееме, важно ни е да знаеме колку население има во Македонија“,
вели Шаин Рамовски од Шуто Оризари.
Шаин Рамовски кој е „староседелец“ во Шутка, верува дека од последниот попис, бројот на Роми е зголемен најмалку двојно. Во попишувањето гледа шанса за прогрес на неговата заедница.
„Нормално ќе влијае во тоа, и во политиката и понатамошниот живот. Да се знае колку сме население. Одамна немавме попис, така што, многу ми значи“,
вели Рамовски.
Граѓаните имаат право да побараат лицето кое ги попишува да доаѓаа од нивната етничка заедница. Па, голем дел од попишувачите во овој реон и самите се жители на Шуто Оризари.
„Јас сум позитивно изненаден што населението бара легитимација, јас секогаш имам легитимација со мене, за да проверат, зашто сепак се работи за матичен број, тоа треба да се чува и многу е добро што населението бара од мене легитимација за да види дали сум вистински попишувач или не“,
вели попишувачот Надир Усеин.
Шуто Оризари е единствената општина во земјава каде мнозинството граѓани се Роми. Па на терен, нема големи поделби околу идентитетските прашања.
„Ние не сакаме да бидеме ни Албанци, ни Македонци, ни Турци..што е наше е наше. Ние сме родени Роми и Роми ќе умреме“,
вели жител на Шуто Оризари.
Но, во други места, особено каде населението низ годините се измешало, сликата е поинаква.
„Има разни маала. Има еве, во центарот, некои се пријавуваат дека се Турци. А ние сме сите Роми“,
вели жител на Штип.
Во штипското маало каде претежно живее ромско население, не секој се декларира како Ром. Причините се различни.
-Нема притисоци, но тие сами се попишуваат како Турци.
велат дел од граѓаните.
-За да не ги дискриминира народот да вели дека се Цигани. Затоа се попушуваат како Турци. Иначе сите се Роми. Сите до еден.
–Нашите Роми се пишат Турци и ја понижуват нашата нација. Ќе ти даде 500 денари, ќе се пишеш Албанец и завршена работа.
За манипулации и подмитување на граѓани, изминатиов период алармираа и дел од ромските здруженија кои, на терен, го подучуваат населението на пописот да се запише како што се чувствува.
„Поради тоа што ромската заедница е можеби маргинализирана и посиромашна заедница од останатите, тука станува збор кога останатите ги користат тие моменти за да манипулираат со нашите граѓани, преку делење пакети, храна, дезинфекциски средства за време на пандемијата. И се делува на тој начин на терен. За среќа ние и нашите тимови тоа го забележуваме“,
Селвије Мустафи од Граѓанското движење „Аваја“.
За најголем дел од притисоците врз Ромите да не се попишат како Роми, невладината „Аваја“, ја обвини турската заедница, која на улица води своја кампања.
„И тие излегуваат со нивни знамиња и што, тие се ангажирани како волонтери, а ние сме индивидуални? Сојузот на турските невладини организации од почетокот на процесот за попис, од февруари, има ангажирано волонтери низ цела Македонија кај што живеат Турци и нормално им кажуваат на своите сонародници да се попишат како што се чувствуваат, односно како Турци, да го зачуваат идентитетот и да не потпаѓаат под никаков притисок“,
вели Емин Хусрев, претседател на Сојузот на турски невладини организации „МАТУСИТЕБ“
Првите препирки настана уште пред почетокот на пописот. Едно исто маало во Струмица го посетија и претставници на ромската и на турската заедница и ги убедуваа граѓаните да го зачуваат својот етнички идентитет.
„Тоа се случува и поради историјата каде ромската заедница на некој начин била асимилирана од страна на останатите и каде што сега се доведува до прашање етничкиот идентитет и заедницата потклекнува под тие агитирања и се попишува како нешто што не се чувствува“,
вели Мустафи.
–Од каде вие знаете тие граѓани како би се изразиле?
вели Хурсев.
–Па досега, со векови тие се изјаснувале Турци. Со вас ќе одиме со камера, куќа па куќа да ги прашате и без камера и ќе видите, ќе бидете сведоци. Ние не правиме ние никаков притисок, но нема да дозволиме да се направи притисок.
Претставниците на ромската и турската заедница проблемите од терен ги предочија и на дебата организирана од Државниот завод за статистика уште во март. Директорот им ја прекина дискусијата.
Апостол Симовски вели дека за притисоци на терен немаат надлежност да реагираат.
„За мое големо задоволство во овој попис немаме таков тип на интензивна кампања, иако тоа не било случај во минатото. Но, тука ние не можеме да влијаеме, ние не сме ниту истражен ниту извршен орган, туку имаме институција која има професионална дејност и за тоа постоиме, тоа ни е работа, тоа што треба да го завршиме“,
вели Симовски.
Заводот за статистика, објаснува Симовски, постапува само доколку некој попишувач ја злоупотребува својата позиција. Открива дека неколку попишувачи досега биле исклучени од процесот, откако биле пријавени дека дел од прашањата ги пополнале по свое убедување.
„Во принцип е непрашувањето за етничката припадност. Ова се два до три случаи, не е тоа којзнае колкава бројка. Попишувачот едноствано не ги поставил овие прашања, иако е должен. Јас, во секој случај имаме уште една недела од пописот, апелирам до сите граѓани да гледаат што им се запишува. Попишувачот е должен да им покаже што попишува, да не оставаат на тоа дека му веруваат на попишувачот, да инсиситраат да им покаже и да пријават дека попишувачот не сакал да им покаже што запишал“,
вели директорот на Државниот завод за статистика.
Попишувањето кај семејствата кои пријавиле проблеми Симовски вели дека било повторено, а за спорните попишувачи, тврди дека ќе се водат постапки.
-Ќе одговараат ли кривично?
вели Симовски.
-Е за тоа има други институции кои за тоа водат сметка.
-Дали ќе покренете постапка според Законот за попис?
-Пријавени се тие сите. Нашиот дел е завршен. Понатаму, немаме право да се мешаме во работата на другите институции.
Како и да завршат постапките против пријавените попишувачи, недоразбирањата и конфликтите околу изјаснувањето на етничката припадност ќе продолжат. Зошто?
„Мислам дека сите сме свесни зошто е важна таа бројка. Дефинитивно, во нашата држава на некаков начин се се базира на бројки и знаеме дека сите политички случувања, програми, буџети итн се дели, односно се базира на бројка на одредена заедница“,
вели Мустафи од граѓанското движење „Аваја“.
„Најважното начело, принцип, односно `рбетот на уставот е правичната застапеност. Значи имате право колку имате бројка. Кога се зборува за основните права – од образование на мајчин јазик, па култура, па економија, доаѓаме до бројка“;
вели Хусрев од „МАТУСИТЕБ“
Какви ќе бидат резултатите од пописот и дали и како ќе влијаат на идните развојни политики или права на етничките заедници, засега, не ги интересира оние граѓани кои и досега беа најранливи на манипулции. Тие можеби ќе се впишат на различна графа според етничката припадност, но во реалноста ќе останат обединети по нивната мака.
„Каков попис, нема што да јадеме, тие попис“,
дофрлаат дел од граѓаните во Штип.