Во својата историја, македонскиот народ бил, главно, под четири господари. Денес сите тие империи се распаднати и исчезнати, а она што е останато, во времето и просторот, се македонското духовно и материјално наследство, рече Љупчо Коцарев, отворајќи ја дводневната дебата во Академијата за двете етапи од развојот на современата македонска држава
Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните интереси, што денес заеднички ги славиме. Сепак, радоста, гордоста и спокојот произлегуваат од мојата увереност, дури и сигурност, дека македонската држава, идентитет, јазик, наука и уметност ќе опстојат на овие простори во вековите што следат, изјави претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, во своето денешно воведно излагање на дводневната трибина што ја организира Академијата „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“.

„Одбележувањето на големиот јубилеј, 30 – годишнината од независноста на државата и 80 години од македонската антифашистичката борба се повод уште еднаш да се навратиме на цивилизациските придобивки на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската наука и на македонската уметност, кои опстојуваат на овие простори, во и надвор од денешните граници, повеќе од илјада години. Во својата историја, македонскиот народ бил главно под четири господари: над четири и пол века под Византија, близу еден век под Бугарија, близу еден век под Србија и пет и пол века под Отоманската Империја. Денес сите тие империи, царства и кралства се распаднати и исчезнати, а она што е останато во времето и просторот се македонското духовно и материјално наследство. Значи повеќе од илјада години ние Македонците сме се спротивставувале и се спротивставуваме на исчезнувањето со она што најнеуништиво, со својот збор, со својот уметнички и научен дух, насекаде каде што живееле и живеат Македонци“,
порача Коцарев, нагласувајќи дека радоста, гордоста и спокојот за тридецениската независност не произлегуваат од политичките околности, кои, според него, не се добри, туку од вербата дека државата и сите нејзини вредности ќе опстанат.
Во воведниот дел на денешниот настан во МАНУ се обратија и поранешните претседатели на државата Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, како и советниците, Живко Кондев и Владо Поповски, на првите двајца претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски, како и актуелниот претседател Стево Пендаровски.