Во врска со кршењето на членот 2 од Договорот за пријателство од страна на Бугарија, Заев вели дека на нас е да одлучиме дали ќе живееме уште 27 години во блокада како со Грција или ќе се носат мудри одлуки
Бугарија го прекрши членот 2 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, кој вели дека Република Бугарија со блокадата на нашите евроинтеграции, но изборот е наш како ќе постапиме, вели премиерот Зоран Заев.
„И е прекршен, таа ни направи блокада и тоа е така. Сега можеме да живееме ние со блокадата уште 27 години, како што беше со Грција. Тоа зависи како ќе одлучиме сите ние, или како што ни кажува нашиот народ, барем по истражувањата и тоа што стои, да донесеме мудри политики, водејќи грижа за целокупното достоинство на македонскиот народ, почитувајќи ја историјата, изнаоѓајќи ги европските начини како да продолжи нашата земја да се движи кон европското семејство заради европските вредности“,
истакна премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за неговите очекувања како би можел да се реши спорот.
За тоа што најави дека од учебниците ќе се брише „бугарски“ онаму каде што стои заедно со фашистистички окупатор, Заев рече дека не станува збор за никакво бришење на историјата.
„Историјата вели Бугарија тогаш, монархиско – фашистичката влада донела одлука да стапи во пакт со фашистичките земји. Република Македонија во тоа време, македонскиот народ и сите граѓани кои живееле донеле одлука да се приклучат на антифашистичката борба и тука нема дилема. Никој не чепка во таа историја… Дали подаваме рака кон сегашните генерации и кон идните генерации е суштината на наративот што го користиме. Таму останува фашистички окупатор и нема причина некој нешто да менува, ниту пак некој бара да се смени, ниту споменик да се тргне, ниту фашистички окупатор да се тргне. Фашизмот има карактерна особина на поединецот, на групата, некогаш и на владите. Не можете цели нации да ги оквалификувате како фашистички,
изјави денеска Заев, прашан дали е тоа преголема цена што треба да се платти во врска со постигнување договор со Бугарија.
Современа Европа, истакна Заев, ги прифатила темите, зборовите и формулациите што значат европски манири, давање шанса за иднината, на соработката, притоа не заборавајќи ја историјата и тоа што се случило. Во такви околности, подвлече уште еднаш, никој не бара, ниту некој ќе чепне што се случувало историски во тој период.
„Сите ние си го знаеме нашето минато, ги знаеме и горчините и предавствата што се случувале за времето на фашизмот, со соработката со окупаторот во тоа време и германски, италијански и бугарски, што бил овде на територијата на Северна Македонија. Но, дали ќе стиснеме заби и ќе бидеме европејци без притоа нешто да изгубиме од нашата историја и да менуваме, туку ќе одиме со европскиот начин на комуникација и соработка и ќе дадеме шанса на идните генерации, без да обвинуваме цели генерации на наследници каде било, зависи од сите нас“,
рече меѓудругото Заев.
Тој нагласи дека секоја дебата е отворена и нема причина во моментот да се води, бидејќи, потенцира, ништо не се случува и нема исчекор. Зелено светло во Бугарија тој очекува најскоро во декември за да може да се направиме следниот получекор – првата меѓувладина конференција, по што следува скрининг-процесот, па отворањето на кластерите.
„Очекувам да се случува се после нашите избори и бугарските избори што се на 14 ноември и евентуален втор круг во Бугарија 21 ноември. Тогаш ќе седнат и ќе се решаваат работите. Но, во името на вистината кога се поставуваат прашањата, должност е да кажеме наши ставови и размислувања, народот да знае, добро да ги изнанализира, да ги сфати. Сакам сите да знаат дека институциите се тие што ги носат одлуките, на крајот граѓаните се тие што ги носат конечните одлуки“,
рече Заев.
Повтори дека градењето пријателство треба да оди билатерално, сите следни чекори што ќе ги преземаме ќе бидат со давањето поддршка од страна на Бугарија кон Северна Македонија за нашиот европски пат.