Проценетата вредност на „Топлификација“ АД во стечајната постапка, без побарувањата од ТЕ ТО, по основ на пресудата на Врховниот суд, е над 30 милиони евра. Вкупната вредност на „Топлификација“, како проценета вредност на имотот и побарувањата кон ТЕ ТО, е над 63 милиони евра. Вкупните долгови се околу 20 милиони евра. Во оваа вредност е вкалкулиран долг кон „Комерцијална банка“ од над 17 милиони евра, велат од компанијата
АД „Топлификација“ во стечај се огласи денеска по информациите за продажба на дел од имотот на компанијата. Соопштението од „Топлификација“ го пренесуваме во целост:
„Топлификација“ АД од 1994 година до 2017 година, во континуитет има позитивни финансиски резултати, што е единствен случај во регионот. АД во соработка со странскиот партнер во периодот 2007-2011 година го реализираат првиот приватен енергетски објект во регионот ТЕ ТО АД во кој симултано се произведува електрична и топлинска енергија. Вредноста на инвестицијата е околу 170 милиони евра. Целата активност, од идеја за проектот, поткрепена со предфизибилити и физибилити студии за проектот, до добивањето употребна дозвола во февруари 2012 година, а поврзана со менување на локалната легислатива, надминување на отпорот на институциите на државата и обезбедување локална поддршка на проектот, е реализирана од „Топлификација“ АД. Денеска од овој објект е околу 35 процентиод производството на термоелектраните во државата.
Во декември 2017 година, со пресуда на Врховниот суд, „Топлификација“ АД го добива клучниот судски процес со ТЕ – ТО АД. Согласно одлуката на Врховниот суд и согласно јавното признание на ТЕ ТО АД фирмата треба да и исплати на „Топлификација“ АД 28 милиони евра, со пазарни каматни стапки заклучно со 01.03.2018 година. Со помош на моќни структури во државата ТЕ ТО АД реализира стечај самиот на себе и отпишува долгови на ТЕ ТО АД во висина од над 150 милиони евра, користејќи спогодби помеѓу заинтересирани страни. Постапката преку која се реализира оваа активност не може да се спроведе без согласност на „Топлификација“ АД, како малцински акционер во ТЕ ТО АД. Иако тоа треба да му е познато на секој студент на право, кој положил трговско право, моќните структури го реализираат стечајот на ТЕ ТО АД без основниот услов спогодбите помеѓу главниот акционер на ТЕ ТО АД и ТЕ ТО АД да се одобрат од малцинскиот акционер, „Топлификација“ АД на собрание на акционери. Со постапката на незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД, која започнува два дена по пресудата на Врховниот суд. „Топлификација“ АД е директно оштетена за над 35 милиони евра со пресметани пазарни каматни стапки на долгот до денеска. Во врска со незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД поднесени се четири кривични пријави во Основното јавно обвинителство и во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. Подносители се „Топлификација“ АД, Управата за финансиска полиција, акционери на „Топлификација“ АД и странски инвестиционен фонд. Иако сите четири кривични пријави беа темелно обработени надлежните обвинителства ги одбија пријавите.
На крај на април 2018 година, кога раководството на ТЕ ТО АД е сигурно дека незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД ќе биде реализиран, со што на „Топлификација“ АД ќе и бидат незаконски отпишани над 35 милиони евра, мнозинскиот акционер на ТЕ ТО АД бара стечај на „Топлификација„ АД за долг од еден милион евра. Висината на долгот е ирелевантна, бидејќи со отписот на побарувањата од ТЕ ТО АД, „Топлификација“ АД нема ресурси да ги плати обврските кон Комерцијална Банка од над 17 милиони евра.
Во постапка пред Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), која се води во 2019 и 2020 година, покрај другите незаконитости реализирани од извршната власт, ДКСК посочува на незаконски план за реорганизација во постапката на незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД. Незаконитоста на планот произлегува од фактот што во него не е предвиден главниот трошок во висина од над 17 милиони евра за плаќање на данокот на добивка, кој произлегува од отписот на долговите на ТЕ ТО АД, во висина од 150 милиони евра. Незаконскиот план за реорганизација директно повлекува незаконски стечај на ТЕ ТО АД, бидејќи основната активност во планот за реорганизација е отписот на побарувања, а главниот трошок во планот за реорганизација, кој произлегува од данокот на добивка не е опфатен. Врз основа на овие факти за стечајниот управител беше подготвен допис кој требаше да се испрати од него како единствено овластено лице на „Топлификација“ АД во стечај до стечајниот судија во постапката на стечај на ТЕ ТО АД. За жал, до денеска дописот до стечајниот судија на стечајот на ТЕ ТО АД не е испратен. Поради ваквото однесување на стечајниот управител поднесени се соодветни пријави до надлежните органи.
Проценетата вредност на „Топлификација“ АД во стечајната постапка на оваа фирма, без побарувањата од ТЕ ТО АД по основ на пресудата на Врховниот суд, е над 30 милиони евра. Вкупната вредност на „Топлификација“ АД, како проценета вредност на имотот и побарувањата кон ТЕ ТО АД, по основ на пресудата на Врховниот суд, се над 63 милиони евра на денешен ден. Вкупните долгови на „Топлификација“ АД се околу 20 милиони евра. Во оваа вредност е вкалкулиран долг кон „Комерцијална банка“ од над 17 милиони евра.“