Бројот на попишани граѓани до денеска до 15 часот е 1 000 034, објави Државниот завод за статистика
Откако Државниот завод за статистика извести дека досега се попишани повеќе од еден милион граѓани, министерот за правда, Бојан Маричиќ, на својот профил на „Фејсбук“ изрази задоволство од текот на процесот и посочи дека влегуваме во последната фаза од пописот кој се спроведува после 20 години.
„Над милион попишани граѓани. Одлични вести од Државниот завод за статистика. Влегуваме во последната фаза од пописот кој успешно се спроведува после 20 години!“,
напиша во објава на Фејсбук Маричиќ.
Тој упати благодарност до попишувачите кои, како што рече, неуморно работат на терен за да се обезбеди подобра иднина за државата.
Инаку, Државниот завод за статистика објави дека бројот на попишани до денеска до 15 часот е 1 000 034 лица. Пописот започна на 5 септември и ќе трае до 30 септември.