Филипче потенцираше дека таму каде опфатот со вакцинација е низок, здравствениот систем е преоптоварен и обратно, онаму каде што опфатот со вакцинација е прилично висок, како во Охрид, Неготино, Кавадарци, Вевчани, Штип, болниците можат да функционираат само во рамките на инфективните одделенија
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека единствениот начин да се постигне колективен имунитет е граѓаните масовно да се вакцинираат против ковид.
„Ризикот да се добие ковид-19 е многу висок. Сега, со есенските месеци, ризик факторите дополнително ќе се зголемуваат, луѓето повторно ќе бидат во затворени простории, затоа, апелирам граѓаните да ја сфатат оваа работа многу сериозно“,
изјави министерот за здравство, Венко Филипче, во гостување на ТВ Сител.
Тој посочи дека откако започна вакцинацијата, но и со новите мерки ситуацијата е многу подобрена, но, само кај вакцинираните граѓани.
„Сега имаме пандемија, вирус кој што многу се шири кај невакцинираните граѓани. Огромен процент од вкупниот број на дијагностицирани пациенти, над 87-87 отсто се невакцинирани, исто така, од вкупниот број на починати, близу 90 проценти се невакцинирани граѓани“,
кажа министерот.
Додаде дека најавените нови мерки со кои само со примени две дози ќе може да се оди на настани, во затворени простории, во угостителски објекти и молови се логичен след на она што веќе како мерка е воведено и потенцираше дека и при следните мерки, ќе се остави доволно простор, две до три недели, за да можат граѓаните да се вакцинираат.
Филипче потенцираше дека таму каде опфатот со вакцинација е низок, здравствениот систем е преоптоварен и обратно, онаму каде што опфатот со вакцинација е прилично висок, како во Охрид, Неготино, Кавадарци, Вевчани, Штип, болниците можат да функционираат само во рамките на инфективните одделенија.
Министерот, на прашањето за третата доза вакцина, истакна оти најверојатно трета доза вакцина ќе биде потребна за сите граѓани.
„Очекуваме да излезат клиничките студии кои што ги прави компанијата ‘Фајзер’. Според укажувањата и најавите, таа трета доза многу веројатно ќе биде потребна за сите граѓани, но сè уште е рано, чекаме да излезат официјалните студии и потоа да излеземе со соодветна препорака“,
рече Филипче.