Знамето симболично го открија министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер
Во холот на НАТО во Пентагон се одржа церемонија на откривање на македонското знаме, кое по членството на земјава во НАТО им се придружи на 29-те знамиња на останатите земји членки на Алијансата, информира Министерството за одбрана.

Фото: Министерство за одбрана
Знамето симболично го открија министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер.
„Посочувајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО го зацврсти мирот и стабилноста на регионот, Купер и се заблагодари на министерката Шекеринска за нејзиното лично залагање за членството во НАТО и за огромниот придонес во развивањето на македонско-американските односи“,
велат од Министерството за одбрана.
Шекеринска, се вели во соопштението, истакнала дека успехот со членството во НАТО е резултат на силна политичка храброст, 30-годишна напорна работа, но и на постојана поддршка од пријатели како САД.
„Ви благодарам што верувавте во нас“,
рече министерката.

На церемонијата присуствуваше и американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз која рече дека нашето членство во НАТО е од решавачка важност за стабилноста и напредокот на регионот.
На церемонијата присуствувал и Морин Кормак, помошничка државен секретар за азиски и евроазиски прашања во чиј домен е и нашиот регион, директорката на Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка Хајди Грант, и други претставници од Пентагон како и од македонската амбасада во Вашингтон и од Американската амбасада во Скопје.