Дали беше исправна одлуката на централните власти за почеток на новата учебна година со физичко присуство на учениците? Ова е прашањето за кое ќе дискутираме вечерва во „360 степени“, две и пол недели по стартот на годината. Дилемата дополнително доби на специфична тежина откако неделава Народниот правобранител излезе со укажување за зачестени јавувања и поплаки од родители за нецелосно спроведување на протоколите, за долго времетраење на наставниот ден и часовите – период во кој учениците мора да носат маска и да се изложени на провев поради постојано проветрување на училниците, за паралелки со голем број ученици, неопремени тоалети, недостиг на хигиенски и дезинфекциски средства… Ова не е единствената тема на која стигнуваат критики на адреса на министерката за образование и наука Мила Царовска. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ѝ се закани на Царовска дека по падот на власта таа, како што вели, прва ќе оди во затвор зашто без закон вовела дигитални учебници за прво и за четврто одделение. Министерката Мила Царовска е гостинка во „360 степени“ заедно со Васка Бајрамовска-Мустафа, државна советничка кај Народниот правобранител.
Дебатата е емитувана на 17 септември 2021 г. од 22 часот на ТВ Алсат