Во рамки на неколкудневната посета, предвидени се средби во Пентагон, Стејт Департментот, НДИ, Националната гарда на Вермонт
Во Пентагон министерката Шекеринска ќе се обрати и на церемонијата за откривање на македонското знаме во холот на НАТО на која ќе присуствуваат претставници на Пентагон и на американската амбасада во Скопје
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска од денеска е во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави, соопшти Министерството за одбрана.
Во рамки на посетата, Шекеринска во Пентагон ќе се сретне со потсекретарот за одбрана на САД за политички прашања Колин Кал и со помошничката на секретарот за одбрана Лора Купер. Министерката ќе има средба и во Стејт департментот, со помошникот државен секретар и прв човек на Бирото за политичко-воени прашања, Тимоти Алан Бетс.
Во Пентагон министерката Шекеринска ќе се обрати и на церемонијата за откривање на македонското знаме во холот на НАТО на која ќе присуствуваат претставници на Пентагон и на американската амбасада во Скопје.
Шекеринска ќе има средби и со началникот на Бирото на националната гарда, генералот Даниел Хокансон и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал – мајор Грегори Најт.
Во Вашингтон, делегацијата предводена од министерката Шекеринска ќе разговара и со директорката на Агенцијата за одбранбено-безбедносна соработка, Хајди Грант, а ќе ги посети и Националниот демократски институт и Националниот фонд за демократија, при што ќе има средба со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт и со претседателот на НДИ, Дерек Мичел.
При посетата на Вермонт, со чија Национална гарда, Армијата на Република Северна Македонија има соработка, министерката Шекеринска ќе се сретне со гувернерот на Вермонт, Фил Скот, ќе ја посети базата на Воздухопловната национална гарда каде ќе се сретне со командантот на базата, полковникот Ендрју Шефчик, а ќе го посети и полигонот за планирање и операции.
Шекеринска во Вермонт ќе биде брифирана и во Оперативниот центар за итни случаи, каде ќе се запознае со начинот на кој оваа сојузна држава се справува со природните несреќи и катастрофи, вклучувајќи ги и пожарите.
Ова е трета работна посета на Шекеринска на Вашингтон и на Пентагон што од МО ја толкуваат како силна потврда дека односите и билатералната одбранбена соработка со САД го достигнаа својот историски максимум во овој период, и сигнал дека реформите и напредокот во одбраната се одразија позитивно на сојузничкиот капацитет на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО.