На сите лозари што предале грозје со цени 8 денари за „смедеревка“, односно 10 за „вранец“, ќе им се додаваат по два денари од самите винарски визби за достигнување на договорените цени, објави Хоџа на Фејсбук
Уште вечерва сите винарски визби да ги истакнат следните цени: „смедеревка“ 10 денари/кг и „вранец“ 12 денари/кг, објави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа на својот фејсбук профил.
Тој посочува дека на сите лозари што предале грозје со цени 8 денари за „смедеревка“, односно 10 за „вранец“, ќе им се додаваат по два денари од самите винарски визби за достигнување на договорените цени.
„Дополнителните 2 денари за предадено грозје ќе важат и за ова реколта, со тоа што разгледуваме можност за дополнителна подршка која заедно со здруженијата на лозарите ќе треба да ги дискутираме на следниот состанок што ќе се одржи во петок во МЗШВ. Изразувам длабоко разбирање за вашата макотрпна работа и секако дека било која цена да се нуди за откуп на вашето грозје никогаш нема да биде праведна кога се споредува со трудот што го вложувате“,
напиша Хоџа.
Винариите пред неколку дена ги објавија откупните цени на грозјето, според кои 11 денари беа предвидени за „смедеревка“ и 12 денари за „вранец“.
Минатата недела, неколку тракторски приколки товарени со грозје од сортата „вранец-картошија“ завршија пред винарската визба „Тиквеш“. Револтирани лозарите одлучиле родот да го истурат пред визбата, наместо да го дадат за осум денари, јави локалната телевизија КТВ.