На дневен ред се предлог- точки се наоѓаат приватизација на општинските лаптопи и таблети, ексклузивитет во отстапување на спортските сали на К.К. „Работнички’ и 26 предизборни вработувања за кои граѓанската иницијатива ќе предложи амандмани
Кога од „Шанса за Центар“ пред два дена предупредија дека вакви одлуки ќе се најдат на дневен ред на Совет, од Општина Центар сметаат дека се паушални
Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ повикува на јавно следење на утрешната седница на Советот на Општина Центар на која како предлог- точки се наоѓаат приватизација на општинските лаптопи и таблети, ексклузивитет во отстапување на спортските сали на К.К. „Работнички’ и 26 предизборни вработувања, на што тие предупредија пред два дена.
„Шанса за Центар“ во денешното соопштение ги повикува на одговорност општинските советниците и ги потсетува на нивната улога во Советот, дека треба да носат одлуки за жителите, а не во корист на партиите.
Исто така, потсетуваат дека законски, следењето на Советите, а со тоа и трошењето на јавните пари е отворено за јавноста, а во услови на ковид- пандемија и преку онлајн платформи, со претходно барање на линк.
Јана Белчева Андреевска, која беше претседател на Советот на Општина Центар (2017 – 2020), на утрешната седница ќе предложи измени на оваа предлог-одлука и тоа:
–Општинските лаптопи и таблети да се донираат на училиштата каде според новата концепција од оваа година се започнува со дигитална настава во прво до четврто одделение, а потребите на децата од социјално ранливите групи да бидат приоритет. Лаптопите не се во приватна сопственост на советниците за тие да одлучат дали ги задржуваат за себе туку се средства на општината, која одговорно треба да одлучи кои се приоритетите.
– Се бара и повлекување на предлог одлуката за вработувања ддека не се достави ссодветно образложение и мора да е усогласено со систематизацијата и функционалната анализа за потреби за вработувањата, што тука не е случај.
– За К.К. „Работнички“, „Шанса за Центар“ мисли дека е многу важен за општината и е омилен кошаркарски клуб на многу од жителите, но не смее да биде со привилегираната распределба на јавни добра и средства, особено ако тоа влијае на самофинансирачките активности на училиштата, ги оптоварува нивните ресурси за одржување на сала (соблекувални и технички персонал за одржување), како и води кон нерамноправен однос и исклучување на други спортови и клубови.
За третата точка, од „Шанса за Центар“ потсетуваат дека одлуката дозволува бесплатно користење на 55 часа термини во 8 училишта во текот на работната недела и цели 3 дена во три училишта секоја сабота.
Амандмански, Белчева Андреевска ќе побара одлуката да биде базирана на аргументи во однос на: трошоците кои ќе се создадат кај училиштата, барање да се намали цената која ќе ја плаќаат децата од Центар кои тренираат, како и можноста за квалитетна понуда на различни спортски активности.
„За ‘Шанса за Центар’ е неприфатливо лесното прифаќање на одлуки, а без анализи и податоци, ниту поширока расправа за располагање со јавни добра и приоритетите во финансирање, како и достапноста на спортот во општината до сите деца, без потврди дека Училишните одбори се согласни“,
се вели во соопштението од граѓанската иницијатива.
Кога од „Шанса за Центар“ пред два дена предупредија дека вакви одлуки ќе се најдат на дневен ред на Совет, од Општина Центар сметаат дека се паушални и наводите дека се прави предизборно вработување, а ги отфрлаат и обвинувањата за фаворизирање на кошаркарскиот клуб Работнички и порачуваат дека им се помага и на другите спортови.
Од Општината, во која власта ја има СДСМ, велат дека советниците од редовите на социјалдемократите и градоначалникот Саша Богдановиќ ќе ги донираат последните плати за купување лаптопи или таблети, а за нивните службени лаптопи секој сам ќе одлучи.