Европската Унија обезбеди 140 000 евра хуманитарни средства за да им помогне на семејствата и на оние што беа во првите редови на борбата со пожарите што избувнаа во земјава кон крајот на јули.
„Овие средства од ЕУ го поддржуваат националниот Црвен крст во испораката на потребната помош, вклучувајќи храна и други основни производи. Корисници на оваа хуманитарна помош ќе бидат 12 600 погодени лица, составена од храна и хигиенски пакети, пакети за бебиња, сетови за прва помош, душеци, ќебиња, кујнски прибор и постелнина. Исто така, ќе продолжи поддршката за противпожарните тимови што дејствуваат на терен“,
соопштија од Делегацијата на ЕУ.
Парите обезбедени за помош се дел од вкупниот придонес на ЕУ во Фондот за итна помош при катастрофи (ДРЕФ) на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (ИФРЦ).
ЕУ, потсетуваат од делегацијата, е потписник на Договорот за хуманитарна делегација од 3 милиони евра со Црвениот крст и ИФРЦ за поддршка на Фондот за итна помош при катастрофи (ДРЕФ). Средствата од ДРЕФ главно се распределуваат за катастрофи од мал обем – оние што не бараат формална меѓународна акција.
Фондот за итна помош при катастрофи е основан во 1985 година и е поддржан од придонеси на донатори. Секој пат кога на Националното друштво на Црвениот крст или на ИФРЦ му е потребна итна финансиска поддршка за да одговори на катастрофа, може да побара средства од ДРЕФ. За катастрофи од мал обем, ИФРЦ доделува грантови од Фондот, кои потоа можат да се надополнат од донаторите. Договорот за делегација помеѓу ИФРЦ и ЕЦХО му овозможува на вториот да го надополни ДРЕФ за договорени операции (кои се вклопуваат во неговиот хуманитарен мандат) до вкупно 3 милиони евра.