За наводниот нон-пејпер се оградија и од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски и од Владата
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во врска со наводниот нон-пејпер за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија, кој пред неколку дена се појави во јавноста, вели дека е балканска ујдурма.
„Сум гледал и многу нон-пејпери и многу официјални документи. Прво, можам да кажам дека самиот јазик со кој е напишан не соодветствува на англиската граматика. Оттука претпоставувам дека ’документот‘ е балканска ујдурма или, пак, можеби потекнува од кај нас, но тоа е во сферата на шпекулациите“,
рече Димитров во гостувањето во „Утрински брифинг“.
Наводниот нон-пејпер пред неколку дена беше објавен од ТВ Клан и пренесен од повеќе медиуми, а за него се огласија и од Владата и од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
„Во врска со таканаречениот нон-пејпер, кој беше објавен денеска во медиумите, кабинетот на претседателот Пендаровски информира дека со Република Бугарија со месеци наназад не се водат никакви преговори и поради тоа од Софија до Скопје не е доставен никаков документ. Ставот на претседателот Пендаровски во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, за тоа досега ниту се преговарало, ниту пак ќе се преговара во иднина“,
соопштија од кабинетот на шефот на државата.
Од Владата, пак, на прашање од државната агенција МИА дали во оптек е нов нон-пејпер, одговорија дека официјален е само предлогот претставен за време на португалското претседателство и оти тој предлог овозможува решенија прифатливи за сите страни.