Знам дека повеќето пратеници од опозицијата што излегоа од салата побрзаа да му се извинат на Филипче за тоа што му го правите, рече координаторот на СДСМ откако ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека денеска нема да учествува во работата на парламентот
Ова што го правите не е хумано. Ја користите тагата на сите граѓани за ситни политички поени, им забележа координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митреск,и на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои ја напуштија денешната собраниска седница, поради тоа што не беа ставени како точки на дневен ред нивните предлог-одлуки за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и на неговиот заменик Илир Хасани, ниту пак Владата ги достави нивните оставки.
„Знам дека повеќето пратеници од опозицијата што излегоа од салата побрзаа да му се извинат на Венко Филипче за тоа што му го правите, затоа што сите знаете дека тој излегуваше во пресрет на сите барања на граѓаните и државата“,
истакна Митрески, додавајќи дека опозицијата не дочека органите да ја завршат истрагата.
Не е фер, рече Митрески, да ја напуштате седницата, кога на дневен ред се точки во интерес на сите граѓани, како предлогот за измена на Законот за облигациони односи, која предвидува каматата на долговите да престане да тече, кога ќе ја достигне висината на долгот, со што се исправа голема неправда кон граѓаните.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина 50. седница пред да биде изгласан нејзиниот дневен ред и ја презакажа за утре во 12 часот, откако пратениците од опозицијата соопштија дека денеска нема да учествуваат во работата на парламентот. Тој им порача на пратениците на опозицијата да не не го прозиваат по социјалните мрежи дека е несовесен, затоа што тие отсуствуваат од седницата , а ќе бидат, како што рече, платени и за денеска.
„Оставете ја совеста. Нема јас да ја оценувам таа совест, туку граѓаните на 17 октомври. По фејсбук -статуси повикуваат на мојата совест и затоа овде ќе кажам: покажете ја сликата на совеста. Денеска двајца пратеници од мнозинството се спречени да дојдат на работа од здравствени причини. Едниот е во изолација поради член во семејството, а другиот со таква дијагноза на болест за што не знаме каков ќе биде крајот и резултатот на контролата, а тие одлучиле, поради совест, да не бидат денеска на работа. А јас сум должен и за денеска да ги платам“,
рече Џафери и ја прекина седницата.