Ставот на претседателот Пендаровски во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, за тоа досега ниту се преговарало, ниту пак ќе се преговара во иднина, се додава во соопштението
Од Софија до скопје не е доставен никаков документ, бидејќи со месеци наназад не се водат никакви преговори, велат од кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски, во врска со наводниот нон-пејпер што денеска беше објавен од ТВ Клан и пренесен од повеќе медиуми во земјава.
„Во врска со таканаречениот нон-пејпер кој беше објавен денеска во медиумите, Кабинетот на претседателот Пендаровски информира дека со Република Бугарија со месеци наназад не се водат никакви преговори и поради тоа од Софија до Скопје не е доставен никаков документ. Ставот на претседателот Пендаровски во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, за тоа досега ниту се преговарало, ниту пак ќе се преговара во иднина“,
соопштуваат од кабинетот на шефот на државата.
Претходно, од Владата рекоа дека официјален е само предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија и сметаат дека тој предлог овозможува решенија прифатливи за сите страни.
Ова е наведено во одговор на Владата на прашањето на МИА дали во оптек е нов нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете земји, кој денеска го објави ТВ Клан без да наведе конкретен извор, а за кој наводно се запознати и Скопје и Софија, но и поважните земји-членки на Унијата.
„Република Северна Македонија останува посветена во процесот, со цел надминување на разликите со Република Бугарија, со што и би се отстраниле пречките за почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа е во интерес на граѓаните на двете држави, а со тоа и на европската агенда. Се надеваме дека колку може поскоро ќе се создадат политички услови во Бугарија за да се отвори можноста за интензивен дијалог меѓу Скопје и Софија за решавање на прашањата кои предизвикаа блокирање на процесот на проширување на ЕУ“,
велат од Владата.