Софистицираната опрема од германската фирма „Дермалог“ ќе ја има својата премиера директно на изборниот ден, што го тера претседателот на ДИК да биде внимателен во очекувањата за тоа како ќе помине гласањето.
Од „Дермалог“, пак, не одговорија на интересот на „360 степени“ за интервју во кое би го објасниле искуството од Авганистан за кое од повеќе места стигнуваат оценки дека не било позитивно
До почетокот на октомври, германската компанија „Дермалог“ треба етапно да испорача 4 000 уреди за биометриска идентификација на гласачи. Нема време за опремата да помине пилот проверка, туку таа премиерно ќе се употреби на локалните избори закажани на 17 октомври.
„Се надевам дека ќе биде во ред, е сега за денот на изборите не можам ништо да кажам, бидејќи се знае, првпат е“,
кажа претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, при приемот на првата пратка.

Вака изгледа уредот за биометриска идентификација на гласачите. Личи на таблет, но со кабли е поврзан и со терминален принтер. По еден ваков комплет ќе се постави на секое избирачко место на денот на изборите. Пред почетокот на гласањето, избирачкиот одбор ќе го активира уредот со паметна картичка, а ќе го исклучи вечерта, откако ќе помине времето за гласање.
„Ако се исклучи, не може пак да се уклучи, мора техничкото лице да реагира“,
ни појасни Даштевски.

Откако ќе се проверат личните документи на гласачот, Избирачките одбори ќе побараат од лицето да пристапи до уредот. Гласачот го доближува показалецот и за 10 секунди на екранот треба да се прикажат неговите лични податоци и со зелено светло да се одобри гласањето. Дури потоа се дава гласачко ливче. Ако лицето го нема во избирачкиот список за конкретното место, уредот ќе светне црвено и звучно ќе алармира. Сепак, има и исклучоци.
„Доколку не го најде, а тој сепак не покажува црвено, тогаш се употребува скенерот, внатре се става документот за идентификација, патната исправа и личната карта и тоа треба да ги покаже неговите податоци доколку е во апаратот… Доколку не го наоѓа, имаат луѓе проблем, земјоделци, на кои им се оштетени тие папиларни линии, ќе се вклучи портокалово светло и ќе може да ја продолжи постапката и во тој случај го колектира отпечатокот за да може после да се провери дали е тој гласач и дали веќе гласал“,
кажа Даштевски.
Терминалниот принтер, пак, на секои два часа ќе ја печати состојбата за излезност во гласачките места, а конечната бројка треба да се совпаѓа со бројот на ливчиња во гласачката кутија. Шефот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, ни образложи и на што се должи неговата изјава оти се надева, а не и дека е уверен оти гласањето со отпечаток од прст ќе помине во најдобар ред.
„Ние немавме многу долго време за подготовки, затоа што јас кога дојдов, гледам тоа го пишува во Законот и мора да го спроведеме. Не ни е оставен простор да можеме да го одложиме“,
вели тој.

Даштевски смета дека поголема сигурност би имало доколку пред изборите опремата поминеше низ пробно тестирање во дел од општините.
„Тоа е правило во свет. Значи, сите држави што го спровеле ова, имале пилот. На пример, Албанија имаше пилот месец дена пред изборите во 3 општини, помина супер. Е сега, со оглед дека се работи за софистицирана опрема, ние се надеваме дека сè ќе помине во најдобар ред и затоа реков ние максимално колку што можевме се информираме“,
вели првиот човек на ДИК.

Секој уред, на секое гласачко место, ќе биде наполнет со биометриски податоци за гласачите само на тоа избирачко место. Личните податоци ќе бидат криптирани, а за секој гласач ќе има и бар код. Уредите нема да бидат поврзани во мрежа или со интернет, односно ќе работат офлајн и нема да комуницираат меѓу себе. Тоа, пак, го наметнува прашањето – што ако има лица со двоен или троен идентитет и тие се обидат да гласаат на две или повеќе избирачки места?
„Уредите се офлајн, меѓутоа тие се полнат преку софтвер. Бар кодовите се во софтверот и се полнат во уредите и секој гласач има посебен бар код. Така што, ако се работи за исти гласач, не може да гласа без оглед и да има исти податоци, тој има различен бар код, нема да го чита.
360°: Да, ама ако има различни податоци, двоен идентитет?
Па двоен идентитет колку луѓе имаат?
360°: И еден да има – проблем е, а имаме. Еве, Варелов.
Така, па имаме, ете ние ги добиваме од МВР. Како ќе ни ги дадат они, така ги ставаме во нашиот сервер – криптирани.
360°: Сакав да кажам, ако истиот гласач, со истиот отпечаток, оди на различни места, меѓутоа има лажна лична карта, лажен идентитет, и си гласа на различни места.
Не може има бар код. Ако ни дале лажни податоци тоа е друго. Ако се различни ќе покаже проблем и тоа ќе се провери. Јас на никому не би му сугерирал да ги прави тие работи, бидејќи после тоа има право ДИК да провери дали се тие веродостојни податоци или не се во опремата. Следуваат супер софистицирани скенери кои ќе препознаваат се – и личните и биометриските податоци. И кога ќе се провери, ќе се види за кој гласач се работи. Таму каде што е пробано нешто да се прави, групно да се гласа, или да гласа двапати исти човек – веднаш ќе се открие и ќе се прегласа.
360°: Како веднаш ќе се открие кога офлајн се?
Јас за тоа можам да ви кажам само она што пишува во законот, значи гласачот се идентификува со важечка лична карта и важечка патна исправа. Значи важечки документ за лична идентификација. Во тој документ подтоците се едни. Не може он да иде на друго место, бидејќи во личната карта е една адреса така е по правило, е сега ако има нешто зад сцената, “behind the scene” што викаат, тоа е друго. Тоа има органи за прогон кои ќе проверуваат“
вели Даштевски.
Од ДИК сметаат дека е предност што уредите се офлајн, оти така се заштитени од хакерски напади.
Сумата од 11,2 милиони евра за новината што ја договорија власта и опозицијата целосно ќе и се исплати на германската фирма „Дермалог“, но по завршувањето на изборите. Ако се случи техничка хаварија со уредите на денот на самото гласање, сметката нема да се плати. А токму такво предупредување за Северна Македонија пристигна од Авганистан, каде „Дермалог“ технички покриле два изборни циклуса.
„360 степени“ веќе објави дека од Фондацијата Транспарентни избори во Авганистан (ТЕФА), пратиле писмо до претставници на ДИК и институции во земјава дека имаат лошо искуство со „Дермалог“. Во дописот, авганистанската фондација алармира дека имало целосен застој во верификацијата на гласачите поради проблеми со серверите на „Дермалог“. Имало проблеми и со увидот во тоа дали некој гласал или не. На едни избори, половина терминали не работеле, а не биле соодветно обучени и учесниците во изборниот процес. Фондацијата ТЕФА предупредила и дека „Дермалог“ не обезбедила соодветна теренска поддршка, туку имала само двајца инженери во Независната изборна комисија на Авганистан (ИЕЦ).
Даштевски вели дека нашата земја е дополнително заштитена во тој поглед, оти за разлика од Авганистанците, ние сме купиле и опрема и услуги, комплет.
„Во тие услуги спаѓаат 15 инженери, кои постојано за изборите ќе работат тука и кои ќе го менаџираат целокупниот процес. Во понудата што ја дадоа пред сите компании, кога конкурираа, имаа кои ќе им бидат тука соработници, односно контрактори и субконтрактори. На денот на изборите тие ќе треба да обезбедат толку инженери колку што ќе им бидат потребни на нив за да се заврши процесот без проблем, односно да се интервенира доколку нешто не е во ред.
360°: И тоа ќе биде нивна проценка, колку луѓе требаат?
Да, тоа ќе биде нивна проценка“,
кажа Даштевски.
Првичната проценка што ја дала „Дермалог“ е дека 60 луѓе се доволни за техничка поддршка на денот на изборите. Сепак, германските инженери ќе обучат до 160 технички лица кои ќе бидат на готовс на изборниот ден, а со обуки и печатени упатства ќе се едуцираат и избирачките одбори.
„Тие 15 души редовно доаѓаат тука, веќе 10 пати имаат дојдено тука, сами си плаќаат хотел, авионски карти. Во опремата, екстра ни даваат работи кои не се ставени, бидејќи ние не сме знаеле што се треба, како што се тие супер софистицирани скенери, кои коштаат некои 700 – 800 илјади евра.
360°: Како не сте знаеле?
Па, сега опремата они си ја знаат“,
вели Даштевски.

Гаранцијата на Германците за опремата е 5 години, па ако премиерата помине успешно, уредите, но и асистенцијата на компанијата би послужиле уште за неколку изборни циклуси дополнително. По истекот на петтата година, сервисот, со анекс, повторно ќе го плаќа државата.
Интересот на „Дермалог“ за земјава е логичен, оти ова е нивно дебитанско учество во избори на европско тло. Себеси се сметаат за пионерска компанија во развојот на биометриски производи и решенија, но на нашата покана за интервју, во кое би ги објасниле случувањата на изборите во Авганистан, не одговорија. Опремата на „Дермалог“ засега се чува само во ДИК, а понатаму дел ќе се распредели и во просториите на Клубот на пратеници.
„360°: Сигурна е, обезбедена?
Има МВР, видовте тука, не пушта никој. Договорено е со МВР доле, и овде, 24 часа се чува, нема ни секунда, се е заклучено и плус има чувар“,
тврди Даштевски.
520 уреди се набавени за резерва. Во случај, пак, на тотален колапс на опремата, има Упатството за гласање без примена на уредите. Актот налага Избирачкиот одбор да побара гласачите да остават отпечаток од прст со графитно перниче во посебна графа од печатениот избирачки список.
Исклучок од гласањето со техничка опрема има за оние кои не можат да дојдат на гласачките места, односно болните и немоќни лица, гласачите во странство, затворениците и притворениците. За нив останува традиционалниот метод на проверка – со УВ-ламба и спреј.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: