Претседателот Пендаровски ги отфрли шпекулациите дека можеби пожарот е подметнат, меѓутоа рече дека за тоа последниот збор го има надлежниот јавен обвинител и порача дека македонската јавност заслужува брз и темелен одговор за синоќешната несреќа
До овој момент нема никаков индикатор дека синоќешниот пожар во Тетово е намерно предизвикан со цел да се постигне некоја политичка цел, рече претседателот Стево Пендаровски од Тетово од местото на синоќешната трагедија.
Шефот на државата рече дека има различни шпекулации за причините за пожарот и затоа треба да се знае дека во овој момент нема такви индикации.
„Ние имаме доволно стручни кадри, не се сомневам дека за кратко ќе ја дознаеме вистинската причина. Она што сакам да го кажам во врска со различните шпекулации дека можеби пожарот е подметнат, дека има врска со 30-годишнината од независноста, дека има конспирации за тоа, до овој момент нема никакви индиции дека ова е направено намерно, со цел да се постигне некаква друга политичка цел. Меѓутоа, тоа на крајот ќе го каже надлежниот јавен обвинител“,
нагласи Пендаровски.
Обвинителот кој е на терен го информирал претседателот дека за околу еден-два часа и формално ќе го заврши увидот на местото на несреќата и во најбрз можен рок ќе излезе со извештај.
„Процедурата е таква што тие (обвинителството) даваат наредби до другите надлежни институции, од обдукција до МВР. Обвинителот ми рече дека ќе им даде многу кратки рокови, веројатно пет дена за секоја институција да одговори во рамки на својата надлежност. По нивното добивање, тој ќе излезе со свој збирен извештај во кој ќе се види што е причината за пожарот и дали евентуално зад тоа има и некаква човечка грешка“,
рече Пендаровски.
Претседателот од Тетово порача дека македонската јавност заслужува брз и темелен одговор за синоќешната несреќа, а околу евентуалното барање за понесување одговорност апелираше да се почека неколку дена за да се видат првичните наоди од истрагата.
Последните информации што ги добил Пендаровски е и дека денеска, а можеби и најдоцна утре, ќе заврши обдукцијата на починатите за кои во овој момент не се знае точно кои се нивните идентитети.
„Затоа во текот на денешниот ден се повикани роднини на тие што лежеле тука да дадат крв и друг материјал за идентификација, кој ќе им помогне за побрзо да ја завршат таа работа, бидејќи идентификацијата на лицата, со оглед на ова што го гледате, ќе оди тешко. Не можете визуелно од прва да видите за кого станува збор“,
рече Пендаровски.