Ова е уште една од одлуките на денешната седница на Владата, покрај одлуката за начинот на користење на службените возила
Граѓаните, по електронски пат, ќе може да доставуваат приговори за работата на администрацијата, според одлуката што ја донесе Владата, на денешната седница, на која е усвоена Информацијата за потребатод потпишување на договор за воспоставување електронски систем за поднесување електронски поплаки и пријави поврзани со услугите кон јавната администрација.
„Електронскиот систем за поднесување пријави, претставки и предлози ќе овозможи граѓаните и правните лица во секое време да пријават сомнежи за корупција во органи на државната управа, како и да пријават проблеми во постапки за добивање определена услуга. Системот е предвидено да се имплементира како посебен модул во рамките на Националниот портал за електронски услуги, преку кој граѓаните и правните лица ќе можат да испратат пријава за која било услуга, институција, како најавени корисници, анонимно и со можност за евидентирање на пријавата и преку телефон“,
се наведува во соопштението од владината седница.
Владата ја усвои и Информацијата во врска со претстојниот Самит на министри посветен на железници, во организација на Постојниот секретаријат на транспортната заедница, во соработка со Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој, и го овласти министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, да ја потпише декларацијата „Самит на министри посветен на железниците – пругите се иднината“.
Оваа декларација, како што објаснуваат од Владата, меѓу другото, предвидува повторно воспоставување директни меѓуградски експресни возни врски помеѓу главните градови на Западен Балкан и ЕУ, за да се воспостави подобра поврзаност за деловните субјекти и луѓето, дигитализацијана железничките системи за меѓусебно поврзување и овозможување на размена на податоци за прекуграничен превоз на патници и товарен транспорт до крајот на 2025 година. Предвидено е и склучување „One stop go“ договори меѓу сите регионални партнери и соседните земји на ЕУ за сите железнички гранични премини до четвртиот квартал на 2023 година, со цел да се олеснат процедурите за граничен премин за патници и товар.
На денешната седница, Владата го утврди текстот на pредлог-законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациska сигурност, со кој се уредува системот на контролата на сите извори на јонизирачко зрачење, како и заштитата на населението и околината од изложеност или потенцијална изложеност на јонизирачко зрачење.
Со законот, информираат од Владата, се уредува и постапувањето со радиоактивен и нуклеарен материјал, како и спроведувањето на мерките за радијациона сигурност и нуклеарна безбедност. Се предвидува како оператор за складирање и безбедно управување со радиоактивен отпад да се утврди Институтот за јавно здравје.
Владата ја донесе и Одлуката за начинот на користење и одржување на службените возила, за што се посочува дека е уште една мерка за рационално користење на службените ствари и буџетските средства.
Со оваа Одлука, информираа од Владата, се утврдува начинот на користење и одржување на службените возила кои се во сопственост, односно се користат во министерствата и во другите органи на државната управа, се утврдуваат корисниците на тие возила и начинот на користење.
„Со оваа Одлука ќе се воспостави унифициран и единствен начин на користење и одржување на службените возила со цел спречување на злоупотреба на ова право од страна на носителите на јавни функции и вработени во државната управа. Одредени исклучоци се утврдени во делот на службените возила во сопственост на Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање“,
се наведува во владиното соопштение.