Десетина пратеници од различни парламентарни партии влегуваат во изборната трка како кандидати за градоначалници, така што, во зависност од резултатите во одредени општини, не се исклучуваат кадровски промени во составот на Собранието по изборите
Во Собранието денеска ќе се одржи продолжение на пленарна седница, прва по завршувањето на летните одмори на пратениците. Исто така, ќе заседаваат и неколку комисии.
Парламентот ја почнува „есенската сесија“ во старата пленарна сала, каде што пратениците од овој состав влегоа во почетокот на јуни годинава, откако десет месеци заседаваа во „салата со куполи“, за каде што беше проценето дека овозможува поголем простор за одржување физичка дистанца.
Собранието денеска треба да ја продолжи 45-тата седница, на чиј дневен ред се повеќе предлог законски решенија, барања за автентично толкување и годишни извештаи за работата на повеќе државни институции и тела. Закажани се и седници на комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за економски прашања и на Законодавно-правната комисија.
Првата нова пленарна седница ќе почне на 14 септември.
Пратениците се враќаат на работа во Собранието, на речиси месец и половина пред локалните избори на 17 октомври. Кога ги распиша изборите, на почетокот на август, Џафери најави дека во периодот од 20 дена од почетокот на кампањата, на 27 септември, Собранието нема да заседава.
Десетина пратеници од различни парламентарни партии влегуваат во изборната трка како кандидати за градоначалници, така што, во зависност од резултатите во одредени општини, не се исклучуваат кадровски промени во составот на Собранието по изборите.