Националната и универзитетска библиотека во Скопје основана сo одлука на АСНОМ во 1944 година, денес нема елементарни услови да ја извршува својата функција
Министерката Стефоска, која минатиот месец го разреши Фримзим Даути од директорската функција, вели дека е формирана работна група за скенирање на состојбата на библиотеката и изготвување план за нејзина ревитализација.
Ниту еден љубител на книгата не сретнавме во просториите на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје, за време на денешната обиколка која ја организираше министерката за култура, Ирена Стефоска, со цел да покаже во каква состојба е доведен, како што рече, трезорот на македонското минато и иднина.



Наместо метеж од студенти и постдипломци, во објектот кој е симбол на македонската писменост и идентитет, денеска се снимаше филм.

Институцијата основана според одлуката на АСНОМ во 1944 година, денес нема елементарни услови за да ја извршува својата функција.

„Ве повикавме, не за да бараме изговор за лошата слика, туку да ве замолиме за поддршка во процесот на зацелување и заживување на просторот кој го чува нашето национално богатсво“,
порача Стефоска пред новинарските екипи.
Кој би учел во руина?
„Не се потпирај на оградата“ е првиот знак што ќе ве пречека на скалите од библиотеката во знак на предупредување за состојбата на ентериерот околу вас.


Во оваа установа не функционира речиси ништо. Оставена на децениска институцонална негрижа, пропаѓа во влага и прашина.

Лифтот не работи, а поради инфраструктурните проблеми, дел од читалните се целосно затворени. Во оние што функционираат пак, сликата е поразителна.

Дотраени маси и столици. Стари теписи кои датираат уште од првите години кога почнала да функционира националната библиотека. Амбиент во кој не само што не постојат услови за подготовка на следниот испит, стручен труд или истражување туку е несносливо и да се престојува.



До книгите не се стасува бидејќи од богатите депоа со илјадници дела не работи ниту механизмот за пренесување на книгите од архивата.



Нема услови за работа ниту во новиот дел во библиотеката. Во центарот за обука на пример, нема услови ниту за греење, ниту за ладење на за време на летните горештини, па и овие простории зјаат празни.

Бадијала е реновирање без нов покрив
Jелисавета Костадинова која е именувана за в.д директорка на НУБ, уверува дека направен е план за реновирање на дел од читалните кое треба да почне после локалните избори. Но, потенцираше дека клучен проблем е покривот, за кој се чекаат средства од буџетот за наредната година.
Министерката за култура рече дека првичните проценки се дека само реновирањето на покривот би чинело околу 800 000 евра, а во меѓувреме се прави проценка на потребите за санација на целиот објект.

„Формиравме специјална работна група за скенирање на состојбата во НУБ од сите аспекти и таа група изготвува план за ревитализација на библиотеката. Архитекти и градежни инженери веќе направија проверка на проектот за санација на покривот и бидејќи се е во ред со проектот, тој влегува во програмата за наредната година. Се прави пресек на финансиско – нормативно работење на НУБ. Отпочнува процесот за прогласување на библиотечниот материјал за Културно наследство во опасност, статус кој ќе овозможи брзи интервенции за негово зачувување и соодветно чување“,
рече Стефоска.
Стефоска ги повика и сите општествено одговорни компании и поединци да помогнат за спас на НУБ.
„Веќе сме во разговори со одредени донатори зашто ова е голема работа и само сите заедно ќе успееме да ја кренеме на нозе Националната и универзитетска библиотека“,
рече Стефоска.
Донација за библиотеката најави и режисерката Теона Стругар Митевска, чија филмска екипа реновирала дел од една од читалните за снимањето на филмот.

Сепак, за библиотеката да може да ја остварува својата вистинска улога, не и треба само реновирање, потенцираше в.д директорката Костадинова.
„Порано тука имаше 250 вработени, а сега 89. Треба помош и за тоа, бидејќи ако некој студент, постдипломец, сака да дојде не му е доволно да има само удобно столче. Туку да може да пребарува во дата-база на податоци, да има најнови сериски странски публикации, книги…значи за една научна работа ни треба и тоа“,
рече в.д. директорката.
Кој е виновен?
За да се врати сјајот на Националната и универзитетска библиотека ќе требаат и време и пари а министерската не сака да посочи чија е одговорноста што оваа установа е доведена во ваква состојба.
„Не можам да одговорам за децениите наназад. Можам да одговорам за тоа што мене сега ми е работа. Ние со месеци работиме на санација на библиотеката, уште во април дадов налог за вонреден инспекциски надзор, а потоа другото го знаете“,
рече Стефоска.
По низата направени контроли на работењето, поради неправилности во водењето на оваа институција врз основа на Законот за културата и на Законот за библиотеките министерката Стефоска неодамна го разреши директорот Фримзим Даути.
Даути во изјави за дел од медиумите се пожали на недостиг на финансиски средства и рече дека не му бил одобрен речиси ниту еден проект за реновирање на објектот. Од Министерството за култура пак, тврдат дека тогашниот менаџментот аплицирал во погрешна финансиска програма и не се ангажирал доволно.
Стефоска денеска посочи дека од пред неколку недели формиран е нов тим и се обврза дека посветено ќе работат за спас на националната библиотека.
„Само да не остане предизборно ветување“, и дофрлија на Стефоска дел од присутните новинари на настанот и порачаа дека будно ќе ја следат динамиката за враќање на сјајот на НУБ „Св. Кирил и Методиј“ – чуварот на духовното и културно паметење на македонскиот народ.