Рамката и начинот на кој ќе функционираат економијата и општеството во Грција во следниот период ќе бидат соопштени во текот на следната недела, веројатно во вторник
Наскоро во Грција ќе бидат воведени рестрикции и тие, според денешната најава од грчката Влада, ќе важат најмногу за невакцинираните граѓани. Рамката и начинот на кој ќе функционираат економијата и општеството во Грција во следниот период ќе бидат соопштени во текот на следната недела, веројатно во вторник.
Но, владиниот портпарол Јанис Иконому, за телевизијата „Скај“, откри дел од нив.
„На оние кои се вакцинирани ќе им се даде можноста да имаат поголема удобност во движењата, поголеми можности и опции. За останатите, ќе постојат одредени места за тестирање, што ќе биде на сопствен трошок. На пример, од вработените во јавниот и во приватниот сектор, кои не се вакцинирани, ќе се бара да вршат лабораториски тестови на сопствен трошок по фиксна цена. Но, повторувам, за жал, на нивен трошок еднаш или двапати седмично од септември па натаму“,
објасни Иконому, пренесе МИА.
Тој го повтори она што неодамна го истакна и грчкиот премиер, дека во никој случај економијата нема да се затвори и нема да има карантин како оние од изминатиот период, но можни се низа мерки за заштита од ширењето на вирусот, кои пред сè ќе се однесуваат на затворените простори, но ќе бидат земени предвид и одредени критериуми.
Како пример спомена дека мерки може да се воведат во просторите за забава и во угостителските објекти, но не може на граѓаните да им се одземе правото да пазаруваат, да се снабдат со леб, млеко или лекови.
Паралелно, Иконому ја остави отворена можноста одново да биде воведено задолжителното носење маска на отворено, доколку тоа го препорачаат експертите.
„Со температури од 40 степени, очигледно не е лесно да се носи маската. Но, се движиме кон период со пониски температури, кога луѓето се враќаат од одмори, ќе има повеќе гужви и раздвиженост надвор. Тоа е мерка што функционираше и што треба одново да се разгледа во следниот период. Секако, експертите ќе излезат со став за конкретната тема“,
рече портпаролот на грчката Влада.
Согласно актуелните мерки во Грција, маската е задолжителна само во затворените простори, додека пак внатрешните делови на угостителските објекти и сите ноќни клубови, без разлика дали се на отворено или на затворено, работат само за вакцинирани или лица кои прележале ковид-19.