Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека одбивањето на понудата е резултат на политичко неискуство на раководството на Левица
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изрази жалење што раководството на Левица ја одбило понудата за обединување против власта на СДСМ и ДУИ.
„Дозволувам да верувам дека ова е можеби резултат на недостаток на политичко искуството на раководството на Левица. Впрочем, никој не побара од Левица да помогне да дојдеме на власт. Побаравме да се обединиме да го срушиме Заев, а фактите говорат дека дел од раководството на Левица има лична одговорност за носењето на коалицијата СДСМ/ДУИ на влас“,
напиша Мицкоски на Фејсбук, додавајќи дека неговата партија оди по патот на рушење на овој, како што го нарекува, корумпиран хибриден режим, а дали Левица ќе биде дел од тој поход зависи од нив.
Лидерот на Левица, пак, Апасиев претходно преку социјалните мрежи и му порача на Мицкоски: Целта е да станеме власт, а не да донесеме некого на власт.
Според него, реалноста е една, а она што го кажува Мицкоски на телевизија е друго и обвини дека медиуми под контрола на ВМРО-ДПМНЕ водат валкана кампања против него и неговата партија.
„Мицковски на телевизија: „Подаваме рака на Левица да се обедини ОПОЗИЦИЈАТА“!? Мицковски во реалноста: – двегодишна забрана на ТВ Алфа да кани гости од Левица; – Курир, Република, Нетпрес и остали вмроидни куртон-медиуми со месеци наназад водат валкана кампања против Апасиев („пудлицата на Заев“) и Левица, по директива на Белата палата; – договара легализација на дивоградби со Заев у четири очи, во корист на урбаната мафија; – аминува фингиран Попис, за вештачки демографски етно-инженеринг на Македонија; – ќути на двојазично Собрание (и остава двајца пратеници да ја бијат битката со Џафери и ДУИ); – прифаќа етницитет во лични карти, коо да сме Руанда; – прави кворум на Закон за државјанства, за косоваризација на МК (со цел да им се додвори на наци-фашистите од Алијанса); – малициозно спрема покварени измени во Изборен законик, со снајперски оган насочен директно против Левица (фб-рекламирање)… И, кога после се, идат анкетите пред Локални – гледа дека без Левица нема победа!? И ај си вика, ова дечиштава, ќе им фрлам коска, ќе ги омекнам!? Види вака друже. Скроз си ја зрешил сликата за нас. Политичкото рацио на Левица не е да донесе некого на власт! Политичкото рацио на Левица е да стане власт“,
напиша Апасиев.
Денешните изјави на Мицкоски и Апасиев следат по вчерашната понуда која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја упати до Левица за приклучување кон опозицискиот блок, против, како што рече, ова тенко владино мнозинство.
Во интервју за Сител Мицкоски посочи дека во завршна фаза се преговорите со албанските опозициски партии за заедно настапување на престојните локални избори, затоа што, како што потенцираше – проблемите на сите се заеднички.
„Ако Левица сака да делува опозициски и да ја поразиме оваа неспособна владеачка гарнитура нека се приклучат кон овој опозициски фронт“,
рече Мицкоски.