Од Беса за „360 степени“ потврдија дека се подготвени да разговараат, но за средба очекуваат да одлучат од Алијанса
Претставници на Алијанса за Албанците и Алтернатива можно е уште денеска да се сретнат и да разговараат за евентуално предизборно коалицирање, неофицијално дознава „360 степени“.
Но не се знае дали средбата ќе биде на лидерско ниво или ќе се сретнат претставници на партиските комисии.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, денеска изјави дека до овој момент нема пристигнато одговор ниту од движењето Беса ниту од Алтернатива. Оваа изјава на Села е дадена на еден час пред истекот на ултиматумот од 48 часа (денеска до 12 часот), кој тој го даде за постигнување договор за евентуално предизборно коалицирање.
„Во моментот додека зборуваме, немаме одговор од ниту еден субјект, се надевам дека ќе имаме. Алијансата прави сè за да има коалиција. Нашата понуда е трипартитна коалиција, верувам дека во овој момент нешто ќе се случи и ќе одиме во коалиција, како што велите вие, трипартитна. Но, најважна е коалицијата со вистинскиот и трајниот опозиционер… со граѓаните“,
рече Села
Од Беса за „360 степени“ изјавија дека од нивна страна има подготвеност да седнат и да разговараат. Но за одговор на прашањето дали денеска ќе има средба, сметаат дека треба да се изјаснат од Алијансата за Албанците како иницијатор на трипартитна коалиција.