Главен камен на сопнување е номинацијата на Петар Илиев за вицепремиер и министер за внатрешни работи, како и одбивањето на ИТН за потпишување писмен договор со потенцијалните партнери за политиките на идната влада
Ќе гласаме против предлогот за кабинетот на „Има таков народ“ (ИТН). Нашата одлука е едногласна, изјави на брифинг Маја Манолова, претседателка на парламентарната група на “Стани БГ! Доаѓаме!”.
Парламентарната група на „Доаѓаме“ се состана попладнево за да одлучи дали ќе го поддржи предлог-кабинетот на партијата на Слави Трифонов.
Како што пренесуваат медиумите во Софија, оваа парламентарна група, исто така, одлучи да гласа против номинираниот за премиер Пламен Николов, како и против структурата на кабинетот.
„Ние се обврзавме јасно кон бугарските граѓани, кон луѓето на плоштадите, да поддржат влада на промени. Она што ќе го демонтира моделот на еден човек, што ќе се справи со корупцијата, што ќе спроведе смели реформи – прво е во судството. Плоштадите побараа две оставки, досега добија само една“,
Рече Манолова.
Според неа, предлозите се скромни и апсолутно неприфатливи. Во однос на кандидатурите на Петар Илиев и Иво Атанасов, Манолова објасни дека партијата не ги слушнала нивните позиции за судските реформи и ова е една од причините зошто не го поддржуваат предлог -кабинетот.
Таа рече дека ИТН предложила еднострана декларација, која, како што вели, не е документ за партнерство и во која нема јасни обврски и рокови. Затоа, според неа, не бил постигнат договор.
„Одлуката на нашата пратеничка група не треба да се смета за чин што покажува непочитување кон нашите потенцијални партнери од ИТН. Пристапуваме со сета одговорност “,
велат од „Стани БГ! Доаѓаме!“
Сепак, тие забележаа дека разговорите можат да продолжат за реализација на третиот мандат, на кого и да му биде предаден, бидејќи е јасно дека вториот ќе оди кај ГЕРБ-УДФ, кои, како што се оценува, никој не ги поддржува.
И за бугарските социјалисти, кои, исто така, се сметаа за потенцијални партнери на ИТН Влада, е спорна номинацијата на Петар Илиев за министер за внатрешни работи.
„Би сакале носителот на мандатот да ја преиспита својата одлука за кандидатот за вицепремиер и министер за внатрешни работи Петар Илиев“
изјави претседателката на БСП, Корнелија Нинова.
Според Нинова, барањето на политичката левица за пишан документ помеѓу БСП и ИТН за поддршка на конкретни политики е одобрено и е испратено со потписи на претставниците на партијата на Слави Трифонов
„Првиот чекор за тоа што ќе правиме во парламентот и во идната влада е направен успешно“, рече Нинова и додаде: „Сега нашето внимание е насочено кон Петар Илиев“. Нинова посочи дека ова е одлуката засега, но последниот збор ќе го има Националниот совет на партијата, кој ќе се состане во вторник.
„Петар Илиев е само повод за ‘Демократска Бугарија’, ‘Стани БГ! Доаѓаме!’ и БСП, за да не го поддржи кабинетот. Сите сте играчи на статус кво.
реагираше Трифонов на социјалните мрежи.
Тој ја бранеше кандидатурата на Петар Илиев за вицепремиер и министер за внатрешни работи.
„Само да ве потсетам дека Петар Илиев е професор по уставно право, зборува три јазици, никогаш не бил на власт, не бил министер во ниту еден кабинет на Бојко Борисов, не учествувал во јавни набавки, и беше адвокат на годината “,
напиша Трифонов.
Гласањето за предлог -кабинетот на ИТН најверојатно ќе се одржи следната среда, на пленарна седница.