Образованието на мајчин јазик од најрана возраст е многу важно и e основа за понатамошното учење и поттикнување на интересот за знаење кај децата, вели Изета Бабачиќ која заедно со Аида Зуковиќ се авторки на учебникот по босански јазик.
„Сметам дека правото на образование на мајчин јазик е едно од најголемите добра за припадниците на бошњачката заедница во Република Северна Македонија. Затоа при подготовката се водевме според принципите и критериумите кои се бараат и според позитивните реформи кои се работат во нашето образование. Учебниците имаат вредност за секое време за кое се користеле и така и ние се потрудивме да креираме учебници за ова време и работевме според наставната програма“,
вели Бабачиќ.
Како што информира Министерството за образование и наука, според авторката, во материјалот за учење е посветено внимание на психологијата на децата на оваа возраст, за учењето да биде лесно, спонтано и да одговори на нивната потреба за љубопитност.
„Вредноста на учебникот за прво одделение, без разлика на кој наставен јазик, е содржините да бидат еднакви за сите деца и единствена разлика да биде само наставниот јазик. И така се обидовме да овозможиме еднаков пристап до образовните содржини за сите деца“,
додава Бабачиќ.
Според авторката, во учебникот големо внимание е посветено и на содржини кои ќе им овозможат на децата полесна комуникација во животните ситуации. Покрај содржините од медиумска култура, новините се однесуваат и на описменување со разбирање, но и на примање и давање информации со размислување како основа на критичкото размислување.