До гласањето во Националното собрание постои можност за измени во составот на предложената влада од страна на мандатарот Пламен Николов
Доколку владиниот кабинет на „Има таков народ“ не биде изгласан од пратениците, тогаш во Бугарија ќе треба да се закажат нови предвремени парламентарни избори
За предлог-владата на партијата „Има таков народ“ можно е д се гласа на редовната седница на Парламентот в среда, на 11 август, објави претседателката на Народното собрание на Бугарија, Ива Митева.
За Бугарското национално радио, таа рече дека парламентарните партии побарале дополнително време за да ја разгледаат нивната одлука. До гласањето во Националното собрание постои можност за измени во составот на предложената влада од страна на мандатарот Пламен Николов.
Претседателката на Парламентот истакна дека доколку владиниот кабинет на „Има таков народ“ не биде изгласан од пратениците, тогаш во Бугарија ќе треба да се закажат нови предвремени парламентарни избори.
Националниот совет на Движењето на зелените, кој е дел од коалицијата Демократска Бугарија, одлучи нејзините пратеници да не го поддржат предлог составот за нова влада на партијата „Има таков народ“ во Националното собрание на Бугарија.
Оваа вест ја објави Борислав Сандов, копретседател на „Демократска Бугарија“ и „Зелено движење“, јави МИА од Софија.
Според бугарските електронски медиуми, лидерите на партиите во коалицијата „Демократска Бугарија“ ќе разговараат за ова прашање, а конечната одлука ќе ја донесе пратеничката група на „Демократска Бугарија“ во Парламентот.