Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) ги оцени како манипулативни изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во однос на формирање на цената на нафтените деривати.
Претходно Мицкоски обвини дека се врши грабеж на граѓаните со одлуката што во вторникот ја донесе Регулаторна комисија за енергетика за зголемување на цените на нафтата и на бензините.
Во демантот од Комисијата велат дека РКЕ работи согласно законите. Цената на нафтените деривати се формира согласно методологија, која се базира на берзански цени и во нив е вкалкулирана и акцизата која е утврдена согласно законот што го носат пратениците во Собранието.
„Апелираме почитуваниот Мицкоски да се воздржи од етикетирање на работата на РКЕ, институција која трета година по ред поради професионалноста и стручноста е препознаена од Енергетска заедница за број еден регулатор во регионот. Не сакаме да веруваме дека доктор на науки нема познавање од тоа како се формира цената и веруваме дека истите изјави само служат за дневно политички цели“,
се наведува во демантот на РКЕ.