Денеска во Скопје почина Слободан Трајковски, доајен на македонското телевизиско новинарство. Со кратки прекини, целата професионална кариера ја помина во ТВ Скопје, а потоа Македонска телевизија, искачувајќи се по сите скалила на професијата.

Слободан Трајковски е роден 1946 година во Скопје. Кариерата во МТВ ја почнува во 1970 година како приправник во дневната редакција на ТВ Скопје. Во 1974 г. напредува во коментатор на Стопанската редакција, а од 1976 до 1986 е уредник-коментатор во Надворешно-политичката редакција. Во 1984 година ја добива наградата „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија.
Во тие години, државната телевизија редовно ги следи светските случувања од терен, а Трајковски е еден од новинарите кои редовно патуваат на сите краишта во светот за да им ги пренесат најзначајните настани на македонските граѓани, од светски собири до револуции.


Од 1986 до 1988 Трајковски е советник на Претседателот на Извршниот совет на СР Македонија. Во 1988 се враќа на позицијата уредник на Надворешно-политичката редакција на ТВ Скопје, но ја извршува и функцијата уредник и водител на ТВ дневникот. Од тој период, јавноста ќе го памети како известувач од драматичните протести во Букурешт, Романија, по кои долгогодишниот диктатор Николае Чаушеску беше уапсен, осуден и ликвидаран. Трајковски, велат од семејството, со гордееше со тоа што ТВ Скопје и тој како новинар биле првата странска ТВ екипа која успеала да добие интервју со Јон Илиеску, наследникот на Чаушеску.
Во 1990 година Трајковски е избран за прв директор на тогаш преименуваната Македонска телевизија. Функцијата ќе ја извршува до 1994 година, а потоа ќе биде Генерален директор во уште еден наврат, од 1996 до 1999 година.

По вториот директорски мандат Трајковски е ангажиран како советник, а потоа и како уредник на Сателитската програма на МТВ. Во 2005 г. е именуван за Генерален конзул на Република Македонија и Шеф на Мисијата во Торонто, Канада. Повлечен е во 2007 година. Последните три години од кариерата, до пензионирањето во 2010 година, ќе ги помине во МТВ.
По пензионирањето, Слободан Трајковски беше активен на социјалните мрежи, но и на терен, како учесник во редица протести. Неговата последна порака на Фејсбук, од утрово, се однесуваше на Илинден.
