Република Северна Македонија се придружи на кампањата на Обединетите нации наречена „Сино срце“ и е втора земја во регионот која ја поддржува оваа кампања. Во фокусот на кампањата се жртвите на трговија со луѓе и важноста да се слушнат и да се учи од жртвите на трговија со луѓе
Во рамки на одбележувањето на 30 јули,Светскиот ден за борба против трговијата со луѓе, денеска Министерстввото за внатрешни работи, заедно со Министерството за труд и социјална политика и невладините организации, со поддршка на ИОМ, ги реактивираа мобилните тимови за идентификација на жртвите и потенцијалните жртви на трговија со луѓе.
Целта на мобилните тимови,е да бидат институционално стабилни, постојани и функционални на терен, со што ќе придонесат кон подобрување на идентификацијата на ранливите категории граѓани, преку проактивно дејствување на терен, обезбедување помош и поддршка и споделување информации со наделжните органи за водење проактивни истраги.
„На овој ден сите заедно треба да имаме само една цел – да го кренеме гласот против трговијата со луѓе.Нивната работа ќе биде во насока на навремена идентификација и работа директно на терен со најранливите категории на граѓани“
рече Магдалена Несторовска, национален координатор за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција

Во периодот март 2018 – декември 2019 година, мобилните тимови првично контактирале, информирале и асистирале 797 лица и тоа 719 државјани на Северна Македонија и 78 странски државјани, од кои биле детектирани 14 жртви на трговија со луѓе. Сите тие биле од женски пол, од кои 10 деца и четворица возрасни, како и 190 потенцијални жртви на трговија со луѓе и 593 ранливи категории лица , од кои 318 мажи и 275 жени.
Улогата на МТСП во она што значи спречување, превенција и работа со жртвите на трговија со луѓе е од огромна важност.Токму поради тоа, МТСП од самиот почеток е вклучено во сите активности.
„Најважна задача на МТСП и на институциите кои се под капата на Министерството, а тоа се Центрите за социјална работа во овој случај,е проактивно делување, откривање или препознавање на претпоставени жртви на трговија со луѓе или жртви на трговија со луѓе и унапредување на соработката и комуникацијата со сите надлежни институции на локално и на централно ниво, со цел да се излезе во пресрет што е можно најбрзо на жртвата од аспект на почитување на нејзините права, како и обезбедување соодветна програма односно изработка индивидуална програма за ресоцијализација и реинтеграција на овие жртви, кои најголем број е малолетни“
рече Елена Грозданова, државен советник за еднакви можности во МТСП
Соња Божиновска Петрушевска, раководител на канцеларијата на ИОМ Скопје наведе дека податоците од асистираните жртви укажуваат на тоа дека трговијата со луѓе со цел сексуална експлоатација е доминантна форма, меѓутоа постојат и жртви тргувани поради трудова експолоатација и принудни бракови. Таа нагласи дека повеќето од идентификуваните жртви се малолетници од женски пол.
„Податоците на ИОМ од поширокиот регион укажуваат дека трудовата експолоатација била предоминантна кај возрасните мажи, а жените биле жртви на трудова и сексуална експлоатација. Момчињата биле главно експлоатирани за работни цели, а во помал обем за питачење и сексуална експлоатација“
вели Петрушевска
Кога станува збор за мигрантите, посочи Божиновска Петрушевска, нивната изложеност кон криумчарите на мигранти со цел да стигнат до посакуваната дестинација, особено на непридружуваните малолетници, го зголемува ризикот од тоа да станат жртви на трговија со луѓе.
За Љупчо Маркудов, началник на Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти и помошник раководител на националната единица за сузбивање криумчарење на мигранти и трговија со луѓе, искуството од претходните години покажало дека мобилните тимови се добра идеја и затоа се рестартираат со работа.
Очекувањата се, потенцира тој, да бидат поуспешни оваа година, а како и досега ќе работата со ранливи категории лица, нивна поддршка и помош и идентификување жртви меѓу нив. Инаку, Република Северна Македонија се придружи на кампањата на Обединетите нации наречена „Сино срце“ и е втора земја во регионот која ја поддржува оваа кампања. Во фокусот на кампањата се жртвите на трговија со луѓе и важноста да се слушнат и да се учи од жртвите на трговија со луѓе.
Петте мобилни тимови во Битола, Гевгелија, Куманово, Скопје и Тетово се формирани во јануари 2018 година, потсети Несторовска, и се еден од успешно реализираните приоритетни активности предвидени во тогашнио реформски владин план 3-6-9 со поддршка на ИОМ.