Според најавените измени во Изборниот законик, во поголемите општини би било поисплатливо да регистрирате политичка партија отколку да собирате потписи за кандидатура на независна листа или градоначалник
Ако се направи споредба колку гласови „тежел“ еден советник во Град Скопје на последните избори во 2017 година, се доаѓа до заклучок дека бројот е речиси двојно помал од минималниот број потписи што би биле неопходни да се соберат за кандидатура на претстојните изборите, ако се усвојат предложените 2 отсто
Најавените измени во Изборниот законик со кои се зголемува бројот на потписи потребни за независни листи на кандидати за советници и градоначалници предизвика револт кај „помалите“ политички играчи.
Лавина од критики доаѓаат по предлогот за учество на изборите на независни листи да треба да се соберат потписи од најмалку два отсто од вкупниот број избирачи во конкретната општина или Град Скопје, кој вчера го најави премиерот Зоран Заев.
Според овој процент, бројот на потписи што треба да се соберат неколкукратно се зголемува од бројот што е предвиден во актуелното законско решение, а дополнително, предлогот се коси и со препораката на ОБСЕ ОДИХР, во чиј финален извештај за локалните избори во 2017 година се посочува дека треба да се размислува за прагот да биде најмногу 1 отсто.
Речиси десеткратно зголемување на бројот на потписи за независните
Ако се направи споредба, според сè уште актуелното законско решение, за кандидатура на независна листа во Град Скопје се потребни 1 000 потписи.
Доколку се усвојат иземените, пак, и за поднесување кандидатура на независна листа или градоначалник бидат потребни потписи од 2 отсто од избирачите, во Скопје би биле потребни 9 226 потписи, ако се прави пресметка според бројот на избирачи од 2017 година кога имало вкупно 461 321 избирачи. Ова е речиси десеткрано зголемување на бројот на потписи само за да се добие место на гласачкото ливче.
За Општина Центар, на пример, гледано според бројот на гласачи од последните избори, со 2 отсто ќе требаат 874 потписи, наспроти 350 потписи како што беше досега.
Над 1 000 потписи ќе требаат и за многу други општини каде бројот на избирачи е поголем од 50 000. На пример, за Куманово ќе требаат 1 846 потписи, за Битола 1 592, Гостивар 1 598, Прилеп 1 281, Охрид 1 050 гласови.
Според ова, во овие општини ќе биде полесно да се регистрира нова политичка партија, за што се потребни 1 000 потписи, отколку да се собираат потписи за кандидатура на независна листа.
Повеќе потписи за учество, отколку гласови за мандат
Покрај ова, ако се направи споредба колку гласови „тежел“ еден советник во Град Скопје на последните избори од 2017 година, може да се заклучи дека бројот е речиси двојно помал од минималниот број на потписи што би биле неопходни за кандидатура на изборите, доколку се усвојат предложените 2 отсто.
На пример, на изборите во 2017 година, советник кој влегол во Град Скопје со најмал број освоени гласови е од редовите на ДУИ. Ако се подели вкупниот број на гласови што го освоила кандидатската листа на ДУИ со добиени мандати – еден советник на ДУИ освоил мандат со 5 700 гласови. Со предложените измени, пак, за да се кандидирате на независна листа ќе ви требаат речиси двојно повеќе потписи – 9 226.

По најавените измени, 23 граѓански организации и поединци предводени од „Зелен хуман град“ му пишаа отворено писмо на претседателот, Стево Пендаровски, барајќи да не ги потпишува измените, истакнувајќи дека измените се спротивни на препораките на ОБСЕ ОДИХР.
Премиерот Зоран Заев, пак, вчера рече дека при изработка на овие законски измени се почитувани сите препораки на ОБСЕ ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот за поднесување потписи за независни листи.
„Во општина со 50 000 избирачи треба да се соберат 1 000 потписи, а 1 500 гласа треба за советник да се избере, што значи умерено извлечена е паралела. Не се работи за договор помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, туку во изработка на предлог-законот учествуваа сите политички партии, и Алијанса за Албанците и Левица. На крајот, законот се носи во Собранието и таму може да се отвори дебата, што е сосема легитимно“,
порача Заев.