Митко Јанчев беше разрешен од функцијата потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година, откако реши да не ја послуша партијата за бојкот на референдумот туку да излезе на него и да гласа „против“. Во еден период бараше оставка од Мицкоски и покажуваше амбиција да стане претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Во последните месец дена, и Мицкоски и Јанчев имаа јавни настапи во кои порачаа дека е потребно партиско единство и обединување
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и актуелниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, кој беше и потпретседател на партијата, вечерва заедно присуствуваа на партиски настан со кавадарчани.
Станува збор за одбележување на јубилеен роденден од формирањето на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, а на една од фотографиите кои ги објави Мицкоски во првиот ред со него е и Јанчев. Во пораката која ја напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со оваа објава, порачува и дека е потребно обединување.

„Вечерва на одбележување на јубилеен роденден од формирањето на Општинскиот Комитет Кавадарци. Говорев за потребата од обединување против злото, за иднината и потребата да се бориме за промени. Не се сите исти, и не смееме да дозволиме да се задоволиме со просечни или потпросечни работи. Способни сме за големи чекори напред, имаме план, визија и сигурни политики кои ќе ја донесат, гарантираат и обезбедат“,
напиша Мицкоски.
Јанчев беше разрешен од функцијата потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во октомври 2018 односно набргу по референдумот кој се одржа на 20 септември 2018 за промена на уставното име, на кој тој не бојкотираше туку излезе и гласаше „против“.
Градоначалникот на Кавадарци беше и меѓу оние кои јавно бараа оставка од Мицкоски, а во јавноста не ги криеше ниту амбициите да биде нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Двајцата ја спуштија топката пред околу еден месец со изјави кои наговестуваат евентуална соработка во иднина.
Јанчев во гостувањето на „Студио 10“ на ТВ24 на почетокот на јуни, рече дека ја интензивирал комуникацијата со Мицкоски, како и оти очекува да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за втор мандат во Кавадарци.
„Јас како Јанчев ќе ја барам довербата на кавадарчани, во уште еден мандат. Мислам дека ќе бидам кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Секој можен противкандидат кој може да направи за Кавадарци, би дозволил да има дискусија, не би именувал никој. Не мора да се каже дека ако некое име се врти сега (Наќе Чулев), не значи дека тој ќе е противкандидат за градоначалник. Јас не верувам дека има шанси ВМРО-ДПМНЕ да не ми ја даде довербата. Мислам дека партијата треба да се соедини, да направиме добри резултати на наредните локални избори. Разликите во мислењето треба да го ставиме на страна, за доброто на граѓаните. Имаше моменти кога имавме послаба комуникација со Мицкоски, но сега имаме поинтензивна комуникација. Од раководството не сум слушнал да ме критикуваат дека сум одработувал за власта, никогаш не сум работел против партијата, во иднина сакаме нормализирање на соработката во сите општини, без разлика кој ќе е во централната или локалната власт“
изјави тогаш Јанчев.
Неколку дена подоцна и Мицкоски имаше изјава дека кавадарчани се задоволни од тоа што го сработил градоначалникот и не ја исклучи можноста тој да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
„Логично е да имаме различни мислења и некогаш да не се согласуваме и да коментираме за тоа, но тоа не треба да се прави јавно бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е голема сложена структура и логично е да имаме различни размислувања со поединци. Но, се седнува, се аргументира и се излегува со компромис. Ценам дека јавни настапи со јавна критика кон политиката на партија не се добри и тоа сум му го кажал и на Митко лично. Содржината на неговите критики никогаш не сум ја коментирал, она што можам да го заклучам за работењето на Митко Јанчев е дека кавадарчани се задоволни, а дали ќе добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучат органите на партијата“,
рече Мицкоски во интервју за „Вечер“.
*Поврзани вести:
Митко Јанчев бара оставка од Христијан Мицкоски и од ново раководство на ВМРО-ДПМНЕ
Митко Јанчев повторно против Мицкоски – на ВМРО-ДПМНЕ и е потребен брз ремонт
Митко Јанчев: Мицкоски ги потценува сопартијците, јас ќе ја преземам ВМРО-ДПМНЕ
Јанчев: Не би сакал да ја преземам ВМРО-ДПМНЕ како Мицкоски, ќе се борам да има фер конгрес
Јанчев ќе се кандидира повторно за градоначалник, ама дали зад него повторно ќе стои ВМРО-ДПМНЕ?