Започна процесот на чистење на линданот и неговите изомери од малата депонија во кругот на ОХИС, што подразбира расчистување на теренот, обезбедување и поставување на потребната опрема и механизација околу малата депонија, напиша премиерот Зоран Заев на својот профил на Фејсбук.
Заев уверува дека освен за малата депонија, се прават напори и за обезбедување на средства за чистење на големата депонија.
„Како Влада на Република Северна Македонија, заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање, правиме напори да обезбедиме средства од повеќе извори за чистење и на големата депонија, како и за чистење на погонот за електролиза контаминиран со жива“,
вели Заев.
За чистењето на малата депонија, избраниот изведувач е грчката компанија „Полиеко“.
„Проценетата вредност на комплетното чистење и уништување на линданот од малата депонија во ОХИС изнесува приближно 8 милиони евра. Првичните средства се обезбедени од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), а во соработка со УНИДО, додека за обезбедување на потребните дополнителни средства се формираше Повеќе-партнерскиот фонд за животна средина, во кој се собраа средства од повеќе извори, меѓу кои и од Кралството Норвешка, а имплементациона единица е УНОПС“,
посочува Заев.
Депониите со линдан во „Охис“ се сметаат за најжешка еколошка точкa во земјава. Со потпишување на Стокхолмската конвенција во 2004-та, во која линданот како токсична супстанца е додаден во 2009-та, Македонија e обврзана да ја деактивира оваа темпирана бомба. Постојат документи кои укажуваат дека остатоци на линданот се складирани и надвор од фабриката, над скопско Драчево во месноста викана Пеленица, но за конкретни истражувања на оваа локација сè уште нема најава.