Судскиот совет на вчерашната седница донесе одлука за престанок на двајца судии поротници од Основен кривичен суд Скопје: Митко Сандев и Зенел Елези, поради навршени 60 години. Поради пензионирањето на Сандев, предметот „Тендери“ се враќа на почеток.
Главната расправа за предметот „Тендери“, закажана за денеска, се одлага се до назначување на нов судија – поротник, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
„Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека по добиено известување од Судскиот совет за разрешување на судија – поротник, главната расправа за предметот со КОК бр. 64/17 од обвинителството означен како ‘Тендери’, насрочeно за денеска, се одлага се до назначување на нов судија – поротник. За новите термини за продолжување со главната расправа, јавноста и странките ќе бидат дополнително известени“,
информираат од Основен кривичен суд Скопје.
Судскиот совет на вчерашната седница донесе одлука за престанок на двајца судии поротници од Основен кривичен суд Скопје: Митко Сандев и Зенел Елези, поради навршени 60 години возраст.
Последното рочиште за случајот „Тендери“, кое се одржа на 13 јули и на кое беше најавено дека обвинителството и одбраната ќе почнат со своите завршни зборови, се одложи поради отсуството на една од обвинетите. Сега, поради пензионирањето на Сандев, предметот се враќа на почеток.
Првообвинета во случајот „Тендери” e поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска-Милевска.
Канческа–Милевска се товари дека ѝ наложила на фирмата „Бетон-Штип“ да изведува градежни работи на Музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата.
Службените лица второобвинетата Л.Л.Ц. како член на Комисија за јавни набавки и третообвинетата Ј.У. како претседател на Комисијата за јавни набавки, со искористување на своите службени положби и овластувања, при вршење на јавни набавки, како соизвршители прибавиле за економскиот оператор корист што се состои од незаконско повластување – фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно-занаетски работи.
За предметот што пред 4 години влезе во судска процедура, сѐ уште нема ниту првостепена пресуда.