По жестоките реакции во јавноста дека јунските сметки за струја ќе бидат повисоки поради зголемувањето на цената на електричната енергија, пратениците постигнаа договор и денеска на пленарна седница ќе се дебатира за намалувањето на ДДВ-то за електричната енергија, кое ќе придонесе за значително ублажување на поскапувањето.
Но, без оглед ако пратениците дадат зелено светло за измените во Законот со кои ДДВ-то ќе се намали од 18 на 5 проценти, на граѓаните за изминатите 15 дена ќе им се пресметува повисока цена на струја за 12,3 проценти и 18 проценти ДДВ во зависност од тоа кога се читаат броилата за потрошена електрична енергија.

Од ВМРО- ДПМНЕ велат дека се обиделе да го забрзаат носењето на овој закон предложен од владата. Тие сепак се прашуваат зошто повеќе од една недела се чека да се закаже пленарната седница за оваа измена на законот.
„Нејасни се причините на калкулациите на владејачкото мнозинство, а фактички на терен ќе се случи тоа што ВМРО- ДПМНЕ го најавуваше граѓаните ќе добијат повисоки сметки за струја“,
оцени претседателот на собраниската комисија за финансирање и буџет, Тимчо Муцунски
Иако министерот за финансии Фатмир Бесими уверуваше дека ќе се консултираат дали може да се интервенира намаленото ДДВ да се пресметува од почетокот на месецов, од Министерството не сакаат да дадат конкретен одговор дали оваа можност е реална.