Четирите лица од Тетово кои се заболени од бразилскиот сој на вирусот се ставени изолација, а од делта-сојот не се пријавени нови случаи, информираше министерот за здравство, Венко Филипче
Тој рече дека главното оружје против сите мутации на вирусот е вакцинацијата и апелираше граѓаните масовно да се вклучат во процесот на имунизација и да ги почитуваат мерките за заштита
Не се размислува за воведување рестриктивни мерки за Тетово поради зголемениот на бројот на заболени од ковид-19. Фокусот е ставен на вакцинацијата, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче и посочи дека по појавата на новите кластери во тетовскиот регион се постапува по истиот принцип на спроведување едпимиолошки анкети и изолација на ризичните контакти.
На прашање дали се размислува за локален карантин во Тетово, тој истакна дека засега не се размислува за никакви регионални мерки.
„И таму кај што има случаи и таму кај што нема ниту еден случај инсистираме да се спроведува вакцинацијата. Тоа е нашиот фокус засега“,
рече Филипче.
Филипче посочи дека ставени се во изолација четворицата заразени со бразилскиот сој на вирусот, додека пак, за делта-сојот вели дека нема пријава за нови случаи.
Министерот повтори дека главното оружје против сите мутации на вирусот е вакцинацијата и апелираше граѓаните масовно да се вклучат во процесот на имунизација и да ги почитуваат мерките за заштита. Филипче потенцира дека сите вакцини се ефикасни и безбедни.
„Присутни се два, три соја на вирусот и тоа што е битно дека принципите се исти – вакцинацијата и превенцијата која важи за сите соеви…Принципите на превенцијата се истите и без разлика кој сој на вирусот ќе дојде ќе останат исти – маската, дистанцата, дезинфекцијата на рацете и ние не можеме да живееме затворени. Граѓаните мора да го имаат ова на ум и да имаат на ум дека станува збор за нивното здравје и кога е во прашање вакцинацијата, но и кога се во прашање превентивните мерки“,
рече Филипче.