Уште еден сомнителен случај на инфициран со коронавирус се појави во Хрватска. Станува збор за пациент кој е е примен на Клиниката за инфектологија во Сплит. Тој денеска е ставен во карантин додека не се потврди или отфрли сомнежот дека станува збор за смртоносниот вирус, потврдиле за „Слободна Далмација“ од сплитската болница.
Ова е втор сомнителен случај во Хрватска и воопшто на Балканот, откако денеска излегоа информациите за пациент во болницата во Осиек каде докторите не можеа да пресечат дали станува збор за коронавирус, па испратија мостри на тестирање во Берлин.
Според пишувањата на „Слободна Далмација“ за случајот во Сплит, станува збор за млад маж кој неодамна се вратил од Кина. Примен е со сомнеж дека има инфекција, но официјално сè уште нема резултати каква инфекција е во прашање. Првичните информации се дека овој пациент имал минимално покачување на телесната температура, но со оглед дека неодамна се вратил од Кина сплитските лекари не сакале ништо да ѝ препуштат на случајноста.
Момчето е изолирано, просторијата каде е сместено е одделена од останатите делови на клиниката, има посебен влез и целосна медицинска опрема за вакви случаи.
Ако се потврди дека пациентот е заразен со коронавирус, ќе биде префрлен на Клиниката за инфективни болести во Загреб.