Резултатите од третото тестирање за коронавирус на хоспитализираниот маж во болницата во Осиек се готови и се негативни, но докторите не се сигурни, па мострите ќе одат на дополнително испитување во Берлин. Ова е прв сомнителен случај за коронавирус на Балканот.
„Судејќи според сегашните резултати, не може да се даде конечен заклучок. Тестирањето повторно покажа негативни резултати, но врз основа на тоа што го слушнав, мострите се дадени на тестирање во Берлин, кој е референтен центар за тестирање на вакви примероци“,
изјави раководителот на Одделот за микробиологија во болницата во Осиек, Домагој Дерњачевиќ.
Пациентот што е хоспитализиран е 26-годишно момче кое пред 10-ина дена се вратило од Кина. Првично, имал температура од 38 степени и се јавил на преглед кај матичниот лекар од каде е препратен во болницата во Осиек. Таму е хоспитализиран вчера и се наоѓа во изолација. За време на престојот во болницата, според лекарите, нема знаци дека болеста напредува.
Претходно, министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош, во изјава за медиумите посочи дека смета оти најверојатно станува збор за грип, но оти поради сомнежите дека можеби станува збор и за коронавирус, се прават дополнителни тестирања.
Првично планираните тестирања завршија, но хрватските лекари сега бараат и дополнителни испитувања во Берлин за да можат да пресечат – дали е во прашање коронавирус или не.
„Мора да почекаме да помине целата таа процедура додека одново не се направат испитувањата. Како што знаете, станува збор за новонастаната ситуација, па и тестовите кои се прават се нови. Многу работи треба допрва да се дознаат и откријат, особено за самиот коронавирус, но и за тестирањата. Не е секогаш едноставно да се добие сигурен резултат со првите испитувања“,
вели Дерњачевиќ во неговото вечерашно појавување во хрватските медиуми.
Тој верува дека релативно брзо ќе стигнат и резултатите од Берлин.