Две лица починаа во Дечани, а поголема бројка се хоспитализирани. Сомневањата се дека граѓаните се затруле од неисправна вода од локалниот водовод. Се чекаат резултатите од микробиолошките анализи.
Градоначалникот на оваа општина во Косово, Башким Рамосај, се сомнева дека настанот бил намерно предизвикан зашто ова е втор случај на труење за еден месец.

„Ова е втор пат месецов како се повторува иста случка и тоа не тера да мислиме дека настанот може да е намерно предизвикан. Обвинителството и истражителите се занимаваат со случајот. Ако микробиолошките тестови откријат штетна вода, ќе бидат преземени политички, правни и административни санкции против одговорните“,
рече Рамосај.
Основното обвинителство во Пеќ информираше дека имало два случаја на „сомнителна смрт“ во тој регион.
„Во текот на последните 24 часа имало два сомнителни смртни случаја во Дечани. Поради итноста на ситуацијата привремениот обвинител во Одделот за сериозни злосторства нареди телата да бидат испратени на обдукција за да се утврдат причините за смртта“,
велат од обвинителството во Пеќ
Случаи на труење беа пријавени пред неколку дена од жителите на селата Ирзник, Прилеп, Лугу и Бранит. Повеќемина побарале помош во локалните амбуланти. Сите овие села вода добиваат од ист снабдувач.
Општина Дечани денеска донесе одлука за прогласување вонредна состојба на целата територија на општината. Во одлуката се вели дека „сите институции на локално ниво се должни да ја зголемат подготвеноста за управување со оваа вонредна состојба што се случи по случаите на труење“.