По бројни пријави на граѓани, Државниот инспекторат за животна средина вчера извршил итен надзор во скопската цементарница „Усје“. Од Инспекторатот велат дека детално се проверени погоните, за да се откријат причините за емисии на прашина кои се случиле вчера.
„По проверката беше утврдено дека заради технички проблеми, емисиите настанале во постројката за производство на клинкер, при што се случило истекување на материјал од циклон во текот на интервенција за негово одглавување. Настанати се фугитивни емисии на прашина, што содржат варовник и лапорец, суровини што се користат за производство на клинкер. Постапката за надзор е сѐ уште во тек“,
информираат од Инспекторатот.
Инспекторатот со записник ја задолжил цементарница „Усје“ да достави листинг од континуираниот 24 часовен мониторинг на емисии од стационарните извори, согласно А-интегрираната еколошка дозвола и тоа за 09.07.2021 и 10.07.2021.

Исто така, поради високите температури и атмосферски влијанија со ветер, цементарницата е задолжена секојдневно со вода од цистерни да врши прскање на внатрешната инфраструктура на цементарата и патот што води до ископот на лапорец над с. Усје.