Ваучерите во вредност од 12 000 денари се наменети за лица со ниски приходи, чии месечни примања во семејството не надминуваат нето-износ од 30 000 денари. Пари има за 1 250 баратели
Од вкупно 4 086 граѓани што се пријавиле на повикот на Министерството за економија, 1 250 ќе добијат потврда/ваучер за летување во некоја од туристичките дестинации во земјава. Од ресорното министерство за „360 степени“ велат дека вработени во Секторот за туризам телефонски ќе ги контактираат апликантите чии барања се одобрени. По завршување на евалуацијата, списокот со добитниците ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството.
„Од 5 јули 2021 година се издадени првите 500 ваучери, согласно динамиката. На 12.7.2021 г., Комисијата ќе ги подготви наредните 500 ваучери, а до 16.7.2021 г. ќе бидат издадени сите 1 250 ваучери, кои ќе може да се искористат најдоцна до 30 ноември 2021 година. Сите одобрени барања, согласно критериумите од Јавниот повик, телефонски се контактираат од Секторот за туризам“,
велат од ресорното министерство.
Потврдата за користење средства за организиран одмор се издава по принципот „прв дојден, прв услужен“
Вкупниот буџет за реализација на проектот е 15 милиони денари. Ваучерите во вредност од 12 000 денари се наменети за лица со ниски приходи, чии месечни примања во семејството не надминуваат нето-износ од 30 000 денари. Повикот заврши на 30 јуни, а согласно програмата, пари има само за 1 250 баратели.
„Имајќи предвид дека по објавување на повикот се виде големиот интерес за добивање ваучери, Министерството за економија веќе работи на зголемување на буџетот за оваа намена“,
велат од ресорното министерство за „360 степени“.
Ваучерите ќе може да се користат во угостителски објекти лоцирани во туристичките центри во Македонија, за што Министерството за економија веќе објави листа. На списокот се вкупно 76 угостителски објекти, хотели и туристички агенции ширум државата.
Целиот список може да го погледнете тука.