Споредено со достапните податоци од цел свет, процентот на вакцинирани во С Македонија се уште е под глобалниот просек, но земјава се приближува до него. Процентот на целосно вакцинирани лица од вкупниот број жители е близу до светскиот просек, додека заостанувањето е поголемо кај процентот на население кое примило барем една доза на вакцина
„Нашиот свет низ податоци“ е името на интернет-страницата што во моментов важи за најкредибилен извор на податоци поврзани со вакцинацијата против ковид-19 низ светот. Освен што има податоци за секоја држава одделно, страницата дозволува и споредба помеѓу две и повеќе земји или региони и тоа по повеќе параметри. На пример, колкав процент од населението во една земја примило барем една доза вакцина или колкав процент од населението е целосно вакцинирано?
Користејќи ги овие алатки, се обидовме да го споредиме напредокот на вакцинацијата во С Македонија со оној во регионот, но и светот.
Северна Македонија ја стигна Бугарија
Колкав процент од населението примило барем една доза на вакцина е првото прашање за кое направивме споредба меѓу земјава, соседството и пошироко. Во друштво на комшиите, по овој параметар, повеќе не сме на дното и се движиме кон средината.
Според последните податоци, лидер во регионот е Грција. Кај јужниот сосед, 47,86% од населението примило барем една доза вакцина против ковид-19. Втора на листата е Србија, која беше лидер до почетокот на јуни. Според последните податоци за Србија, кои мора да се забележи дека се стари околу половина месец, официјален Белград пријавил дека со една доза се вакцинирани 39,59% од тамошните жители. Трета на листата, но далеку од Грција и Србија, е Албанија со 19,87% од популацијата со барем една примена доза. С Македонија од неодамна е на четвртото место со 17,22% од населението со примена една доза. Сега петта е Бугарија со 13,96% од населението вакцинирани со една доза додека последно е Косово со 7,11% вакцинирани со барем една доза од вкупната популација.
С Македонија, сепак, се уште е зад Бугарија кога е во прашање процентот на население кое е целосно вакцинирано (со две дози). Причината е што земјава почна со помасовна вакцинација подоцна од сите земји во регионот, со исклучок на Косово. Или, според тоа колкав процент од населението примило две дози, прва е Грција (38,07%), втора и покрај постари податоци е Србија (36,04%), па следува Албанија (14,48%), Бугарија (11,82%), С Македонија (10,94%) и Косово (2,15%).
Подобри од Африка и дел од Азија, далеку полоши од просекот за Европа и Северна Америка
Додека С Македонија очигледно бележи напредок во вакцинацијата во последните недели споредено со дел од соседите, дали трендот важи и ако се направи споредба со остатокот од светот? Кога е во прашање прогресот, одговорот е дека да, земјава напредува, но и дека има уште многу пат за да го достигне просекот на вакцинирано население, особено во Европа и Северна Америка.
Според параметарот – колкав процент на населението добило барем една вакцина, македонскиот просек (17,22%) е повисок само од оној за регионот Африка (2,71%). Светскиот просек, за население кое примило барем една доза, е 24,34% и веднаш над него е просекот во Азија (24,73%). Но, овие бројки се должат во голем дел на Кина, бидејќи пред да бидат додадени податоците од таа земја на почетокот на јуни и светскиот и азискиот просек беа под македонскиот. Во Јужна Америка просекот на вакцинирани со барем една доза е 31,11%, во Европа е 42,24%, во Северна Америка е 51,89%. Ако се издвојат податоците само за ЕУ, каде земјава се стреми да биде членка, просекот таму е 51,89%, односно со една доза е вакцинирано повеќе од половина од населението.
Ако, пак, се земе во предвид параметарот – процент на целосно вакцинирани од вкупното население, Македонија е подобра од азискиот просек и е многу блиску до светскиот. Или, ако во земјава има 10,94% целосно вакцинирани, во Азија е целосно вакцинирано 8,43 од населението, а во Африка 1,18%. Во светски рамки, тој просек е малку над домашниот, со 11,32%. Подобри од македонскиот просек се Јужна Америка (13,44%), Европа (28,94%), Северна Америка (33,52%), додека ЕУ блокот бележи 34,86% од населението како целосно вакцинирано.