Во разговорите со вршителот на должноста помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања се потврдени партнерските односи меѓу С Македонија и САД, одличната соработка во рамки на НАТО и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите други области
ЕУ останува наша стратегиска цел и Унијата мора да изнајде начин да го вреднува досега сработеното и да овозможи деблокада на евроинтеграцискиот процес. Секое натамошно одложување на почетокот на преговорите го зголемува евроскептицизмот кај граѓаните и негативно се одразува на политичките состојби во земјата, му посочил претседателот Стево Пендаровски на вршителот на должноста помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер, на денешната средба во Охрид.
Пендаровски го прими Рикер во претседателската вила „Билјана’, при што, како што соопштија од претседателскиот кабинет, било разговарано за остварувањето на надворешно-политичките приоритети на Северна Македонија, за унапредување на односите со САД, интеграцијата во ЕУ, како и за актуелните состојби во регионот.

Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, соговорниците ги потврдија партнерските односи меѓу Северна Македонија и САД, одличната соработка и сојузништвото во рамки на НАТО-алијансата, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите други области.
Пендаровски, се посочува, истакнал дека Северна Македонија и натаму останува посветена на реформските процеси, градењето на добрососедски односи и активно учествува во сите иницијативи во насока на унапредување на регионалната соработка.
„САД се наш долгогодишен сојузник и принципиелен поддржувач на реформите во областа на одбраната и безбедноста, владеењето на правото и независноста на судството, јавната администрација. Остануваме посветени на зацврстување на стратешкото партнерство и поттикнување на уште подлабоки пријателски односи меѓу двете земји“,
истакнал на средбата претседателот Пендаровски.