Данска ќе донира 250 илјади вакцини за земјава во знак на солидарност со државите од Западен Балкан. Министерот за надворешни работи Бујар Османи на Твитер соопшти дека неговиот дански колега Јепе Кофод телефонски го информирал дека Данска ќе испрати еден милион вакцини за сите земји што се дел од новата регионална иницијатива Б6 која вчера ја промовираше Османи од Охрид.
☎️ Had a phone conversation w/ my dear ?? collegue @JeppeKofod announcing me the excellent news to deliver 1M #COVID19 vaccines to all #WB6 from which 250K are allocated for ??.Thank you dear #Jeppe for great #Danish solidarity.
— Bujar Osmani (@Bujar_O) July 1, 2021
Нова донација од 10 илјади дози вакцини на „Астра Зенека“ се очекува утре да стигне и од Хрватска, а министерот за здравство Венко Филипче најави дека наредната недела треба да стигнат и 10 илјади вакцини „спутник“. Со новите пратки и со последната голема количина од 500 илјади вакцини на „Синовак“, здравствените власти очекуваат да стартува масовна имунизација на населението.
Вакцините на „Синовак“ пристигнаа за време на викендот, но не беа веднаш распоредени по вакциналните пунктови бидејќи се чекаше одобрение за употреба од Агенцијата за лекови.
„Вчера се покрена едно прашање околу документацијата, дозволите итн. Сакам да објаснам дека граѓаните треба да бидат спокојни и не постои шанса да се пушти кој било лек во промет, вклучувајќи и вакцина, доколку за тоа одобрение не даде Агенцијата за лекови. Ние аплицираме со соодветната документација која е потребна и за увоз на лекот, а таа стигнува и пред да стигнат вакцините во Агенцијата за лекови, така што станува збор за административен процес,“
изјави Филипче.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера се вакцинирани вкупно 334 386 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 12 409 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14 525 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 557 400 дози вакцини, а ревакцинирани се 223 014 граѓани.