Шефот на португалската дипломатија, чија земја денеска последен ден е претседавач со ЕУ, за МИА во Брисел изјави дека ЕУ не може да биде во улога на „јазична полиција“ и дека тоа не помага во изнаоѓање на решение. Повика на разум во ова емотивно прашање, а најдобар начин за тоа е да се разгледа нивниот предлог
Министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва во изјава за МИА попладнево вели дека државната секретарка Ана Паула Закаријаш згрешила во изјавата во врска со делот околу македонскиот јазик кој наводно го содржи португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.
Аугусто Сантош Силва, министерот за надворешни работи на Португалија, за кого ова беше последен ден од претседавањето со ЕУ, на прашање на МИА во Брисел дека изјавата на државната секретарка Закаријаш, во која таа користи „северномакедонски јазик“ е грешка.
„Не можете да очекувате од дипломати и политичари да бидат експерти по лингвистика, не ја поминуваме секоја секунда од секоја минута од секој час од секој ден во употреба на соодветни прецизни термини од научна гледна точка. Кога мојата заменичка се осврна на македонскиот јазик таа сакаше да каже македонски јазик“,
вели Силва за МИА.

Тој вели дека содржината на португалскиот предлог е прифатен од македонска страна и може да биде прифатен и од бугарска страна.
„Сметаме дека предлогот што го поднесовме и кој беше прифатен од Северна Македонија и мислам дека Бугарија може во блиска иднина да го прифати исто така, е многу јасен – зборуваме за македонски јазик и предлагаме дека со унилатерална декларација поддржана од декларација на Советот на ЕУ секоја земја ја дефинира својата позиција, македонскиот јазик е јазик дефиниран согласно Уставот на Северна Македонија и е кодифициран во 1945 година, но ако сакате да ја знаете позицијата на португалското претседателство, прочитајте го текстот“,
вели Силва.
Тој смета дека не е на ЕУ да биде во улога на „јазична полиција“ и дека тоа не помага во изнаоѓање на решение.
„Прашањето е премногу емотивно и треба да внесеме разум, најдобар начин за тоа е да се разгледа пишаниот текст“,
рече шефот на португалската дипломатија.
Тој изрази надеж дека Словенија од први јули ќе има можност да го оствари усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија, во што Лисабон не успеа.
Во врска со принципот на вето во Европската Унија, Силва вели дека во Португалија би било неприфатливо земјата да го инструментализира ветото за да спречи консензус во ЕУ, и тој би бил критикуван за такво нешто.
„Незамисливо е една земја да се стави во положба да го користи правото на вето за да попречи формирање на одлука во Советот, едногласноста е важна поради националниот интерес, треба да го почитуваме тоа, но не можам да помислам на едногласноста без да помислам на обврската да придонесам кон консензус“,
вели министерот за надворешни работи на Португалија.