Последниот пациент, кој е хоспитализиран во модуларниот ковид-центар во Прилеп, денеска ќе биде испратен дома, а модуларната болница ќе биде времено затворена.
Ова следува по падот на бројот на заболени од ковид-19 во земјава, додека истовремено се интензивира вакцинацијата.
На регионалниот пункт во Прилеп е зголемен е бројот на термините од 500 на 890 термини за вакцинација. Изутрината се вакцинираа инвалидизираните лица, а почна имунизацијата и на помладата популација. Доктор Сашо Пуцакоски, кој на вакциналниот пункт го следи процесот вели дека покрај ревакцините почнаа да се даваат и дози на Фајзер и на Синовак.
„Денеска почнавме со вакцинација со ‘Фајзер’, а и на ‘Синовак’, а тече ревакцинацијата со ‘Астра зенека’, со ‘Синофарм’ и со ‘Фајзер’. Нема никакви проблеми и се надеваме така ќе продолжи“,
вели доктор Пуцакоски.
Кети Смилеска, директор на прилепската Градска болница со општа надлежност, нагласува дека евидентно почна да се забрзува процесот.
„Денеска почна да се имунизира и помладата популација. Има 890 термини, а капацитетот е и до 1 000 вакцинирања дневно. Дури 80 отсто од граѓаните над 60 години веќе примиле вакцина. Досега се вакцинирани околу 12 000 граѓани од кои 4000 примиле втора доза и очекуваме тоа да се забрза. Се смета дека уште околу 3 000 прилепчани се вакцинирале на други регионални пунктови. Деновиве преку стопанската комора чекаме да почне вакцинирањето на вработените во фирмите и во институциите“,
вели Смилеска.
Од Министерството за здравство се очекуваат насоки за теренската имунизација.
„Чекаме како ќе се одвива теренската имунизација во населените места. Ние ќе формираме тимови кои, независно од тимовите на пунктот ќе одат и ќе вршат имунизација во населените места. Имаме доволно персонал за да не забави интензитетот на вакцинацијата“,
изјави Смилеска.
