Во последната пресуда поврзана со Градиште, Управниот суд ја уважи тужбата на Атина Милеска од Пештани и го поништи решението на Комисијата за денационализација со кое беше предвидено обештетување од 235 денари по квадратен метар
Пештанци не се против обештетување, но бараат тоа да биде по актуелни пазарни цени, а не по „просечна цена на земјиштето кога тоа било одземено“. Најавуваат радикализирање на протестите
Дваесет години заглавени во процесот на денационализација. Ова е приказната за 36 семејства од охридиското село Пештани за кои минатата недела објавивме дека не можат да си ги вратат парцелите одземени од државата, на локацијата каде е поставен познатиот автокамп Градиште. Надлежната Комисија за денационализација не им го враќа имотот, со образложение дека на земјиштето е изграден автокамп – што го смета за јавен интерес. Нуди обесштетување. Комисијата за денационализација вели дека цената е пресметана како просечна вредност на земјиштето во периодот кога било одземено. Но, поранешен член на истата комисија тврди дека парцелите може да се вратат на поранешните сопственици. Пештанци во саботата го блокираа автокампот и порачаа – од следниот протест се радикализираат.
Минатата недела се одржа рочиште во Управниот суд за барателка на имот во Градиште кој во 1957 година ѝ го конфискувала државата. Атина Милеска од Пештани поднела тужба против решението на Кoмисијата за денационализација која одбива да ѝ ги врати парцелите во Градиште и за возврат ѝ нуди обесштетување по цена од 235 денари за метар квадратен.
„Во овие 20 години ништо немаме постигнато, јас лично имам 3 пресуди во моја корист и пак таа корист за 235 денари, една смешна цена, тоа нигде го нема. Ние барамe да ни се врати или да ни се плати по соодветна цена, како што ние си сакаме. Зошто пак ние да го оставиме на некој да го користи да ги зема тие пари, да ги работи?“,
вели Милеска.

Пресудата на Управниот суд стигна за 24 часа. Беше објавена во отсуство на тужителката и тужените.
„Овој судечки совет едногласно ја донесе и ја објавува следната пресуда: Тужбата на тужителот Атина Милеска од Пештани, на Министерство за финансии, Комисија за одлучување по барање за денационализација, се уважува – решението на Министерството за финансии и Комисијата за одлучување по денационализација се поништува и се задолжува тужениот орган во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата да донесе нов управен акт“,
соопшти Судот.
Судечкиот совет образложи на што ја темели пресудата.
„Од сите изведени докази не се стекна сигурност дека тужениот орган, при утврдување на фактичката состојба, во целост утврдил дали предметното земјиште може да биде предмет на реално враќање. Значи тоа е прва, основна и главна интенција на Законот, се што може да се врати да се врати, а доколку не постои можност за враќање, потоа да следува надомест“,
кажа судијката Весна Јовановска.

Освен што не се појавија на рочиштето, од Комисијата за денационализација не одговорија ниту писмено – како го коментираат фактот што Судот не е убеден во нивните тврдења дека имотот не може да им се врати на некогашните сопственици. Во минатонеделна сторија, Комисијата образложи дека на терен е утврдено оти земјиштето не може да се врати зашто е исполнет јавниот интерес за кој е одземено – изграден е автокамп.
Но, пресудите на Управниот суд, иако не се мериторни, туку ја задолжуваат комисијата повторно да ги разгледа решенијата, им даваат ветер во грб на пештанци. Тие изминатиот викенд го блокираа влезот на автокампот и најавија дека ова е последен мирен собир.

„Ние овде не се собравме од што ни дошло нас на памет, сега ќе го земаме имотот овде што им е одземан на нашите родители. Значи се донесол Закон. И тој закон треба да важи за сите во Македонија“,
вели Атина Милеска, барателка на имот.

„Бараме конкретно, мериторно решение на Управен суд. Еднаш засекогаш да се спроведе законот“,
вели Ѓорѓи Танески, барател на имот и претседател на Здружение „Оревче“.

„Се добива впечаток дека државата не може да се справи со Градиште и ние прашуваме кој е посилен во моментов од државата. Дали има посилен од премиерот и од Владата во оваа држава. Да видиме кој ја мати цело време водата?“,
праша демонстрантката Андријана Башоска, барателка на имот.

„Истрошено, нервозно, разочарано и до државата и од институциите. Сакаме конечно еднаш оваа војна да се заврши. Да го добиеме она што законски ги припаѓа“,
вели Цветанка Јузмеска, барателка на имот.

„Градиште за Пештани претставува едно дете, кое е откинато од мајката и мајката гледа со години како го силуваат политички криминални структури и локални моќници“,
вели Томислав Танески. барател на имот.

Веќе објавивме дека иако земјиштето под автокампот Градиште сè уште е на Република Северна Македонија, со него управува компанијата „Инекс Горица“, која одамна е во приватна сопственост. Најголемиот акционер во „Инекс Горица“, Божо Илоски, познат како Бошко Ремис, ни кажа дека тие го имаат кампот во владение и дека го издаваат на помали закупци. Во моментов, таму стопанисува фирмата „МКМ Нова Трејд“, со петгодишен договор до 2024 година. „МКМ Нова Трејд“ годишно ѝ плаќа на „Инекс Горица“ околу 57 000 евра за закуп, а потоа тие ги издаваат приколките на заинтересирани поединци. Ќар има и „Инекс Горица“ и фирмата- закупец. Но, кој е ќарот на државата или јавниот интерес?

Под какви услови фирмата Инекс Горица поставила автокамп на државно земјиште во Градиште? Дали има договор за закуп, концесија, на колкав временски период и за колку пари? На овие прашања не добивме одговор од општина Охрид, во чија надлежност е управување со ова државно земјиште.
За разлика од сега, минатата недела од општина Охрид детално ни одговорија дека внатре во кампот, општинската инспекција констатирала состојба надвор од сите одобрени проекти и законски прописи и донела решение за отстранување на дел од бесправните објекти, платформи, настрешници, плочи од бекатон плочки…

Според сите околности, Славко Лазовски, кој е поранешен претседател на Комисија за денационализација, смета дека има основа на пештанци да им се врати имотот.
„Мислам дека овде барањето за денационализација е чиста работа, односно во Законот за денационализација – имот кој е предмет на барање за ден не може да биде вратен на поранешните сопственици или нивните правни следбеници, доколку на тој имот има објект од јавен интерес и втората причина доколку тој истиот имот е продаден на правно и физичко лице. Овде во конкретниов случај ниту има изградено објект од јавен карактер ниту е продадено на правно и физичко лице, тоа значи барањата се оправдани и треба да им се врати бараниот имотот.
360°: Но, сегашната Комисијата за денационализација вели дека исполнета е намената за која е одземен имотот. Дека таму има пристапни патеки, дека е изграден автокамп.
Не, тоа го нема во Законот, тоа е смешно објаснување, дека има пристапни патишта итн. Општина Охрид јасно кажува дека има привремени објекти, а тоа значи дека сопственикот на тој приватен објект треба во секое време да си го собере материјалите и да си оди во одреден предвиден рок. Дури во Законот има една одредба во која вели – штом е поднесено барање за денационализација, престануваат сите стопански активности на тој објект. Овде, таа одредба не е почитувана“,
вели Лазовски.

Тој вели дека во неговиот мандат Комисијата ги почнала подготвителните работи за предметите околу Градиште, но дека поради други околности тој набрзо бил сменет од функцијата. Сепак, смета дека спорот одамна требало да се реши.
„Мислам дека тука почувствував додека бев претседател на таа Комисија дека некој си зацртал, дека се што е имот испод патот за Свети Наум, не смее да биде вратен, што апсолутно не држи вода, односно е спротивно на Законот.
360°: Кој мислите дека зацртал?
Па многу, пред се мислам дека бизнис заедниците имаат тука приватни интереси итн“,
тврди Лазовски.
Тој има забелешки и за понудената сума за обесштетување.
„Во Законот пишува па и дека во предметот треба да се реши во рок од шест месеци. Е, сега ти не си го решил 20 години од поднесувањето барање и сега ти е страв да поминеш на Законот за процена, односно почитувајќи и Законот за денационализација, а посебно Уставот кој вели мора да се обезбеди правичен надоместок, а тоа значи по пазарна цена во моментот на враќањето“,
вели Лазовсски.
Ако не може да им се врати имотот, пештанци во крајна линија се согласни на обесштетување, но по актуелна пазарна цена. А додека тие се вртат во институционален круг и протестираат, на другата страна на кампот, туристичката сезона веќе е во полн ек.

ПОВРЗАНА ВЕСТ: (ВИДЕО) Пештанци VS државата: Бараат реална, а не симболична компензација за национализираните парцели на Градиште